Чести грешки во негата на лице кои сигурно ги правите (а можат да ја оштетат кожата)
Дали ги нанесувате продуктите на сува или на влажна кожа? А, дали ги користите истите продукти и во лето, и во зима?

Негата на кожата на лицето е нешто што го правиме скоро сите.
Но, во морето продукти, активни состојки, третмани и совети, нормално дека ќе направиме и некоја грешка.
Дел од најчестите грешки во негата на лице кои можеби ги правите:
Ги нанесувате продуктите на сува кожа
За максимално да го искористите ефектот на кремовите и серумите, треба да ги нанесувате на малку влажна кожа.
Кога кожата е влажна, впива повеќе, па кремот ќе се впие подобро.
Исто така, со кремот ќе ја „заробите“ влага, па кожата подобро ќе се хидрира.
Не обрнувате внимание на типот на вашата кожа
Бидејќи денес постојат навистина многу активни состојки во продуктите за нега на кожа, важно е темелно да истражите.
Секоја кожа има разни потреби и оние состојки кои се добри за еден тип, може да бидат проблематични за друг.
На пример, ако имате многу сува кожа, подобро е да избегнувате некои активни состојки, како салицилна киселина, бидејќи можат да ја влошат состојбата.
На интернет ви се достапни информации за секоја активна состојка, па добро истражете и внимателно читајте го составот на продуктите што ги купувате.
Не користите продукт за хидратација
Без разлика дали е серум или крем, важно е во рутината да вметнете продукт за хидратација, дури и ако имате мрсна кожа.
Продуктите кои ја хидрираат кожата истовремено ја штитат и ја зајакнуваат нејзината природна бариера.
Кај сува кожа, хидратацијата ги намалува иритациите, додека кај мрсна кожа, може да го избалансира лачењето масти.
Што значи, вреди да купите продукт за хидратација кој одговара на вашиот тип кожа.
Ставате големо количество од продуктите
Продуктите нема да функционираат подобро ако нанесете подебел слој.
Напротив, ова може да биде дури и штетно – некои продукти може да ги затнат порите, други да предизвикаат иритација…
Секогаш следете ги инструкциите на амбалажата од продуктот и не нанесувајте повеќе од тоа.
Користите исти продукти во текот на целата година
Во зависност од сезоната, на кожата ѝ требаат разни продукти за нега и заштита.
На пример, во лето не е препорачливо да користите многу густи кремови бидејќи повеќе се потите.
Во зима, пак, ќе ви треба нешто што повеќе ја хидрира кожата бидејќи е посклона кон сушење.
Спирова С. | Црнобело
