Анета Љумаковска за стилот и убавината: „Слабост ми се чанти, секоја вечер темелно го чистам лицето“
„Се трудам да бидам физички активна, и иако немам строго дефинирана рутина, се обидувам да вежбам неколкупати неделно. Понекогаш одам во теретана, но уживам и во вежбање дома“, вели пејачката Анета Љумаковска за CRNOBELO.com.

Пејачката Анета Љумаковска плени со својот убав лик и широка насмевка.
За многумина таа е една од најубавите и најнегувани жени на фолк сцената кај нас.
А таа, во разговор за CRNOBELO.com ни откри кои се нејзините тајни на нега, но и каков е нејзиниот стил на облекување, дали и колку спортува.

Стил на облекување
„Би рекла дека мојот стил е внимателно балансирана комбинација помеѓу елеганција и удобност.
Сакам парчиња што изгледаат софистицирано, но во исто време ми дозволуваат да се движам слободно и да се чувствувам природно.
Не сум роб на трендови - повеќе се водам по тоа што ми прилега и во што се чувствувам самоуверено.
Навистина уживам во комбинација и на елегантни и на спортски парчиња.
Елегантните парчиња ми даваат чувство на женственост и среденост, а и тоа го бара мојата професија, додека спортските додаваат лежерност и динамика.
Често ги комбинирам - на пример сако со патики или фустан со кожена јакна.


Морам да признаам дека имам слабост кон чантите и обувките.
Тие за мене се деталите што ја прават секоја комбинација посебна и комплетна.
Најчесто пазарувам тука, но секогаш кога патувам во странство, сакам да најдам нешто уникатно - парче што ќе ме потсетува на тој момент или место.
Секогаш кога одам на патување носам удобни фармерки, добра јакна и еден класичен пар обувки.
Тоа се парчиња на кои можам да се потпрам во секоја ситуација.
Никогаш не би носела нешто што не ми е удобно или не ми одговара на карактерот, без разлика колку е модерно.
Омилено парче ми е едно едноставно црно фустанче кое секогаш ми е сигурен избор - безвременско, елегантно и прилагодливо за различни прилики“.


