Митови за парфеми во кои веруваме сите - Скапите траат подолго, немаат рок на траење
Не е точно дека скапите парфеми треба да траат подолго бидејќи долготрајноста не е главниот фокус на производителите.

Денес ретко кој не користи парфем, а кога некој продукт е толку популарен, нормално е да се родат и бројни митови за него.
Обично парфемите се нешто за коешто луѓето сакаат да дадат повеќе пари. Па, кога ќе потрошат поголема сума, сакаат и да го извлечат максимумот, а поради ова почнуват да веруваат и во некои митови.
Пет најчести митови за парфемите во кои не треба да верувате:
Мит 1: Тестерот е поразличен од самиот парфем
Многу луѓе веруваат дека тестерот и самиот парфем се различни. Односно постои верување дека тестерите се поинтензивни, со цел да ги намамат купувачите да го купат парфемот.
Но, експертите уверуваат дека ова не е воопшто точно и дека парфемот што се наоѓа во тестерот е потполно истиот и во шишенцето што ќе го купите.
Единствено може да се забележи разлика поради начинот на чување. Тестерите не се спакувани во кутија поради што се поизложени на светлина, промена на температурата и слично.
Па, ако стојат на полица неколку месеци, тогаш може да се јави разлика.

Мит 2: Колку е поскап парфемот, толку е подобар
Постои верување дека цената на парфемот е директно поврзана со неговиот квалитет.
Нормално, во некои ситуации ова е точно и поскапите парфеми навистина и се поквалитетни.
Но, цената на парфемот зависи од многу фактори како амбалажата, па и самиот бренд.
Што значи, за да имате добар и квалитетен парфем, не мора да потрошите богатство ако не сте во можност или ако не ви се даваат многу пари.
Мит 3: Скапите парфеми треба да траат долго
Многумина веруваат дека штом дале повеќе пари за некој парфем, тој треба да им трае цел ден.
Но, кај произведувачите на парфеми, долготрајноста не е најважното нешто и траењето на парфемот зависи и од неговите ноти.
На пример, лесен парфем со свежи ноти нема да може да трае подолго од неколку часа, без разлика колку е скап.

Мит 4: Ако ставите повеќе парфем, ќе ви трае подолго
И овој мит е погрешен бидејќи без разлика колку парфем ќе ставите, тој ќе испарува со речиси сит интензитет.
Ако ставите многу парфем, може само да мирисате непријатно за луѓето околу вас.
Многу подобро е да го нанесувате парфемот повеќепати во текот на денот, но во мала количина.
Мит 5: парфемите немаат рок на траење
Парфемите содржат алкохол кој значително им го продолжува рокот на траење. Но, ова не значи дека можете да го користите цела вечност.
Парфемот нема да се „расипе“, но по некое време, пример две-три години, ќе почне да му се менува мирисот, па дури и да станува непријатен.
Но, парфемот може да ви трае подолго ако го чувате во оригиналната кутија на суво и темно место, настрана од сончева светлина.
Спирова С. | Црнобело
