Грешки со коректор што ви ја уништуваат шминката (и прават да изгледате постаро)
Ставате многу светол коректор или го нанесувате на целото лице, како пудра.

Коректорот е мошне користен продукт, но само ако го употребувате правилно.
Доколу направите некоја грешка, може да ви ја уништи шминката, па и да направи да изгледате постаро.
Кои се најчестите грешки на коишто треба да внимавате?
Погрешна нијанса
Ако ставите многу светол коректор под очите, нема да ги скриете подочниците, туку може и да ги истакнете, заедно со брчките. Од друга страна, и многу темниот коректор ќе има сличен ефект.
За да ги скриете подочниците, најдобро е да ставите коректор со нијанса на праска, блиска до вашата природна боја.
За да покриете црвенило и слично несовршености на кожата, ставете коректор со иста нијанса како вашата кожа.
Ако имате многу црвенило, тогаш ќе ви треба коректор со малку зелена нијанса – иако звучи чудно, зелената боја ќе го неутрализира црвенилото.
Погрешна текстура
Дури и ако ја погодите бојата, со погрешна текстура, коректорот нема да изгледа добро.
Течниот коректор не покрива многу како кремастиот, но ќе изгледа подобро на мрсна кожа.
За сува и комбинирана кожа, можете да користите и течен и кремаст – кремастиот е подобар ако имате повеќе црвенило и несовршености.
Не го нанесувате правилно
Не треба да претерате со коректорот бидејќи вака ќе ги нагласите брчките.
Исто така, немојте да го триете на лицето бидејќи со текот на времето ќе си ја оштетите кожата.
Коректорот, без разлика дали е течен или кремаст, најдобро е да го нанесете со тапкање, без разлика дали со сунѓерче, четка или вашите прсти.
Не ја подготвувате кожата
Без разлика каков коректор користите или како ќе го нанесете, нема да изгледа добро ако кожата не ви е подготвена.
Пред шминкање треба да ја исчистите кожата, но и да ѝ ставите хидратантен крем или серум, како основа.
Ставате коректор на целото лице
Коректорот не треба да го користите како замена за пудра бидејќи има различна текстура, но и е повеќе пигментиран.
Ако го нанесете како пудра, лицето ќе ви изгледа како маска, неприродно.
Треба прво да ставите течна пудра, па потоа коректор, само на несовршеностите што се познаваат.
Не ставате камена пудра
За лицето да изгледа совршено, но и за добро да го сетирате коректорот, на крај секогаш треба да ставите камена пудра.
Спирова С. | Црнобело