Дерматолошки одговори на 4те најчести прашања за кожата

Нашето здравје честопати е поврзано со правилната нега на кожата. Но честопати не мачат одредени прашања на кои самите не можеме да одговориме. Токму затоа Црнобело ја консултираше д-р Сузана Камберова која ќе даде одговор на најчесто поставуваните прашања.

dermatoloski-odgovori-na-4te-najcesti-prasanja-za-kozata-01

1. Како да ја одржуваме нашата кожа, за таа да има свеж изглед и да не се суши во текот на зимските месеци?

Студеното време влијае на влошување на секој тип кожа, а особено на кожа која е подложна на некои кожни заболувања како екцем и др. Студот, ветерот и екстремните промени на температурата  ја оштетуваат масната обвивка на кожата и последователно ја намалуваат  влажноста на кожата.  Како последица на тоа  се јавува видливо лупење на кожата (ситно, брашнесто) набрчканост , можно црвенило и субјективни тегоби на затегнатост и печење.

На деловите од телото, кои се изложени и на почесто миење со вода и алкални сапуни, како на пример рацете, може да дојде до уште поизразено сушење, црвенило и воспаление, кое се влошува ако не се превземат соодветни мерки.

За да се спречат овие појави, кои се инаку редовна појава во зимскиот период, потребно е да се заштити кожата со топла облека на сите изложени места ( ракавици, капи и шалови), потоа да се пијат повеќе течности во вид на топли напивки, чаеви, витамински напивки и да се консумира храна богата со витамин А,Е и Б и, најпосле, постојано  да се употребуваат лосиони и/или креми за соодветните делови на телото, кои се обогатени со специјални заштитно состојки и со есенцијални масни киселини. Предходно може да се нанесе  специјален препарат на минерална вода во вид на спреј, кој може да се најде во апотеките кај нас, и потоа со лесен допир да се впие вишокот на вода со мека крпа од површината на кожата. 

2. Откриена е неправилна бенка и препорачано е да се отстрани со операција. Дали е опасно да се оперира бенка и дали е точно дека бенка воопшто не треба да се чепка?

Ова е една од честите дилеми во праксата. Постои уверување дека секое отстранување на бенка (младеж, невус) оперативно или не, е голем ризик за здравјето, односно се смета дека постапката на отстранување може да доведе до појава на кожен карцином на местото на отстранетата бенка. Мора да нагласам дека ваквото уверување е мошне далеку од вистината и не само тоа, туку може да има штетни последици, бидејќи се работи за предрасуда, која може да ве чини скапо. Самото отстранување на бенката, која велите е неправилна, не е опасно туку напротив, мошне потребно да се направибидејќи постои можност бенката веќе да започнала да се менува и да прераснува во кожен карцином, па затоа изгледа неправилно. Секое одлагање на операцијата би и дало можност на ваквата несакано променета бенка уште повеќе да нарасне и да се прошири подлабоко во кожата, а од таму да навлезе преку крвта и во другите органи. Доколку бенката се извади на време, под точно утврден оперативен протокол, голема е веројатноста да се отстрани од телото пред да има можност да се прошири понатака и болеста да завземе непосакуван тек. Со тоа може да се спаси и животот на ваквиот пациент.

Во минатото, не постоеле методи кои би го откриле карциномот на кожата во рана фаза, кога на преглед со голо око тој сеуште само наликувал на бенка. Поради тоа, во голем број на случаи, кога после отстранување на "бенка" со операција, пациентот се разболел повеќе, и се јавил кацином, сето тоа било последица на погрешно дијагностицирање на "бенка" кај промена која веќе всушност била карцином.

Како и сите други промени, на другите органи во телото, за кои се смета дека може да се малигни, и кои поради тоа се отстрануваат со операција, така и промените на кожата, за кои постои и најмало сомневање дека може да се почетен карцином, мора да се отстранат оперативно. Тоа е единствениот начин за излекување.

dermatoloski-odgovori-na-4te-najcesti-prasanja-za-kozata-02

3. Дали откорнувањето на бенка може да доведе до рак на кожата?

Ова врежано мислење е уште една реликвија од минатото на медицината. Бидејќи карциномот на кожата, иако бил видлив и присатен подолг временски период кај пациентот, по правило не се откривал навремено  Најчесто се случувало таква промена (карцином) да почне  да крвари и на најмал допир (секој карцином е исклучително богат со крвни садови, што  е причина лесно и спонтано да крвари). Таквото крварење се поврзувало со повреда, иако самиот пациент најчесто не се сеќавал дека  навистина се повредил. Самото крварење од бенката, која всушност представувала карцином, а не бенка, се објаснувало со тоа дека мора да дошло до повреда, па затоа се јавило и крварење, а таа повреда потоа била причина бенката да се претвори во карцином. одтаму доаѓа стравот од повреда на бенка.

 Кога веќе ќе се востановело дека се работи за карцином, пациентот сеуште го поврзувал првиот момент на  повреда, со настанок на таквата несакана болест.

Денес се знае дека ако се повреди било која бенка, која во моментот на повредата е бенигна, нормална, нема да дојде до несакани последици, односно самата повреда нема да предизвика појава на карцином во дотогаш нормална бенка. Меѓутоа, ако на самиот пациент не му е јасна причината поради  која некоја  навидум бенка почнува често да крвари, мора итно да се јави на лекар каде ќе биде  прегледан со специјални апарати, дермоскопи, кои гледаат под површината на кожата и прават разлика помеѓу бенка и карцином. Човечкото око не е секогаш во можност да ја види таа разлика, бидејќи  секој кожен карцином (се мисли на меланомот) во своите рани фази на развој изгледа како обична бенка, ако е набљудуван само со голо око.

4. Дали псоријазата е навистина неизлечива болест? Како да се справам со разочарувањето и да се помирам со тоа дека постојано ќе имам кожа, која се задебелува, пука и се лупи. Што да правам?

Ваков страв, кај пациенти кои заболеле од некоја хронична кожна болест е сосема разбирлив. Кожата тешко може да се сокрие, па болеста станува како стигма, бидејќи секој може да ја забележи. Сепак, да се каже дека се боледува од неизлечива кожна болест, е погрешен пристап во лекувањето.  Се зависи од тоа од кој аспект ќе се согледа проблемот. Можеме да кажеме, на пример, дека доживотно ќе боледуваме од вирусот на настинка, и тоа тврдење, ако така го поставиме или ако на него гледаме од тој агол, е исто сосема точно,зошто голема е веројатноста секоја есен или пролет да настинеме и да се разболиме, полесно или потешко. Сепак, никој за тоа однапред не се загрижува, туку само се обидува навреме да превземе некакви мерки на предпазливост и да ја спречи настинката доколку може. Кај овој пример, причината за заболувањето доаѓа однадвор и ние се обидуваме да ја контролираме, во рамките на можностите кои ни се дадени, без непотребно околу тоа да се грижиме. Разликата кај псоријазата е што причината за повторуваните епизоди на заболувањето, најчесто доаѓа од внатре, од самиот организам на пациентот, а ја "откочуваат" различни надворешни фактори, како друга болест, стрес и слично.

Точно е дека псоријазата представува воспалително заболување на кожата, кое е хронично и доживотно, но тоа се однесува само на потенцијалот да се повторува одвреме, навреме, во различен степен на проширеност. Иако има наследено или стекнато таков потенцијал, не значи дека постојано, до крајот на животот, ќе ги има и промените по кожата. Најголем број на пациенти со псоријаза, со помош на дерматолог кој ги води, научиле како да ја контролираат или превенираат својата болест и да ја одржуваат во ремисија ( состојба кога на кожата нема видливи или активни промени). Сметам дека пациентите заболени од псоријаза треба да се стремат да го постигнат тоа и доколку одвреме навреме се појави понекоја промена на кожата, со навремена и адекватана терапија, повторно ќе може да се доведе до нормала.

За повеќе одговори:

Прим. Др. Сузана Камберова
специјалист дерматолог

ПЗУ „Д-р Камберова“

бул. Кочо Рацин бр. 74 2/7, Скопје
тел: 312 53 77

Би можело да ве интересира:

Како да се справите со вошките и што треба да знаете пред да почнете да го чистите детето? На гнидите им требаат од 5 до 10 дена за да се развијат во мали вошки, на кои па...
Зошто понекогаш окото ни „игра“ и дали е знак за сериозен проблем? Играњето на окото е појава со која сме се соочиле скоро сите. Во повеќето случаи...
Констипација кај деца – совети и трикови како во домашни услови да им помогнете Погрижете се вашето дете да пие доволно количина вода во текот на дено...
Атопичен дерматит кај бебиња - зошто се јавува и како се лекува? Бебето е нервозно, плачливо, постојано се чеша и не спие навечер. Атопичниот дер...
7 помалку очигледни симптоми за рак на кожата што не треба да ги игнорирате Чешањето, но и необјаснивите болки во зглобовите кои траат долго или се засилува...
Ги открива воспаленијата во телото, помага за спречување на срцев удар - Што означува CRP во крвната... Нивото на CRP може да укаже дали имате инфекција во телото, а кај повозрасните л...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg