Д-р Јасмина Вета Дарковски – гинеколог, за CRNOBELO.com: Сѐ што треба да знаете за карцином на грлото на матката

Која е причината за развој на карцином на грлото на матката, што е ХПВ, како се пренесува, кои се симптомите, како се лекува и како може да се превенира - д-р Јасмина Вета Дарковски, специјалист за гинекологија и акушерство, за CRNOBELO.com одговара на најчесто поставуваните прашања на оваа тема.

d-r-jasmina-veta-darkovski-ginekolog-za-crnobelo-com-s-shto-treba-da-znaete-za-karcinom-na-grloto-na-matkata-01.jpg

Женското здравје е важна тема на која мора почесто и поотворено да се зборува, со цел едукација и запознавање на нашето тело, но и превенција од несакани заболувања, како и нивно навремено откривање и лекување.

Покрај задолжителните редовни прегледи кај гинеколог, важно е и самите да сте свесни за промените кои се случуваат во вашето тело, а може да предизвикаат проблеми кои не смее да ги игнорирате.

Јануари е месец за кревање на свесноста за рак на грло на матка, а доктор Јасмина Вета Дарковски, специјалист за гинекологија и акушерство, за CRNOBELO.com одговара на најчестите прашања на оваа тема:

Која е причината за развој на карцином на грлото на матката?

Најчестата причина (повеќе од 90%) за развој на премалигна и малигна болест на грлото на матката е инфекција со ХПВ (хуман папилома вирус).

Карциномот на грлото на матката е на 3-то место на рангот за малигни болести на женскиот генитален систем во светски рамки.

d-r-jasmina-veta-darkovski-ginekolog-za-crnobelo-com-s-shto-treba-da-znaete-za-karcinom-na-grloto-na-matkata-07.jpg

Што е ХПВ (хуман папилома вирус)?

Вирус од фамилијата на папилома вирусите.

Постојат две групи на ХПВ: ниско и високоризична група на вируси, кои можат да предизвикаат бенигни и малигни болести на женскиот генитален систем.

Едни од бенигните заболувања на кожата се брадавки (кондиломи) предизвикани од групата на ХПВ со низок ризик (40, 42, 43, 44, 54, 61, 72, 81).

ХП-Вирусите со висок ризик (16, 18, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 56, 58, 59) предизвикуваат премалигни промени (промени пред да се развие малигно заболување), таканаречена дисплазија на грлото на матката и малигни заболувања (карцином) доколку една дисплазија не се открие навремено.

d-r-jasmina-veta-darkovski-ginekolog-za-crnobelo-com-s-shto-treba-da-znaete-za-karcinom-na-grloto-na-matkata-02.jpg

Како се пренесува инфекцијата?

Инфекцијата се пренесува исклучиво преку сексуален контакт. Најчесто првиот контакт т.е. инфекција се здобива на возраст од 20-25 години.

Што се случува доколку постои инфекција со високо ризична група на ХПВ?

Кај имунокомпетентни лица (лица со континуирано добар имун систем) инфекцијата ќе биде излечена сама од себе т.е. ќе се повлече и нема да остави никакви последици.

Кај лица со постојано или привремено ослабен имун систем можно е да се развие пореметување во зреењето на епителните клетки од грлото на матката и развој на дисплазија, а во понапреден стадиум и развој на малигна промена на клетките.

Кои се симптомите?

Најчесто премалигните и малигните болести поради инфекција со високоризична група на ХПВ се асимптоматски (без симптоми).

Понекогаш може да се јават:

  • контактни крварења после полов однос,
  • промена на вагиналниот секрет (зголемено лачење, промена на бојата и мирисот),
  • зачестено чешање,
  • печење или
  • чувство на сувост во делот на надворешните гениталии, доколку има заболување на големите и малите усни од вулвата, вагината и анусот.

Како може да се открие?

Редовен гинеколошки преглед и земање на цитолошки брис (ПАП-Брис) и одредување на хуман папилома вирус во брисот.

Доколку брисот е сомнителен, следи упатување на преглед кај гинеколог супспецијалист и преглед со колпоскоп.

Колпоскопија е преглед со микроскоп, со кој преку зголемување на устието на матката може да се одредат сомнителни региони и од нив да се направи биопсија (земање на проба од ткивото).

Ткивото ќе биде пратено на хистолошки преглед со што ќе се прецизира дијагнозата и одреди стадиумот на болеста.

d-r-jasmina-veta-darkovski-ginekolog-za-crnobelo-com-s-shto-treba-da-znaete-za-karcinom-na-grloto-na-matkata-03.jpg

Кој ги врши испитувањата?

Матичен гинеколог: редовен гинеколошки преглед и земање на ПАП-Брис и упатување до супспецијалист гинеколог за малигни заболувања.

Цитолог: преглед на брисевите под микроскоп. Со тоа се опишува изгледот и стадиумот на зрелоста на клетките, како и нивните промени во зреењето.

Патолог: преглед на ткивата, доколку е направена биопсија од грлото на матката. Притоа се одредува стадиумот на промената/заболувањето на ткивото.

Што понатаму?

Доколку се дијагностицира само премалигна болест на грлото на матката, истата може со ниско ризична оперативна интервенција целосно да се отстрани. Оперативната интервенција се нарекува конизација.

Конизација означува отстранување на мал дел од грлото на матката во форма на конус. Доколку болеста се открие во понапреден стадиум постои мала можност за целосно отстранување на промената.

Лекувањето се спроведува со помош на зрачна терапија наречена радиотерапија и хемотерапија. Болеста откриена во понапреден стадиум има лоша прогноза т.е. можноста за комплетно излекување е минимална.

Како може да се превенира (спречи) малигната болест на грлото на матката?

Уште од пред десетина години постои вакцина против ХПВ-Инфекција. Вакцината е наменета како за женската, така и за машката популација од 9 до 17 години.

Идеален период за вакцинација е пред започнување со сексуална активност. Кај пациентки со висок ризик и после оперативна интервенција можно е покасно спроведување на вакцинацијата.

d-r-jasmina-veta-darkovski-ginekolog-za-crnobelo-com-s-shto-treba-da-znaete-za-karcinom-na-grloto-na-matkata-06.jpg

Што е целта на навременото откривање на премалигните состојби на грлото на матката?

Краткорочно како и долгорочно намалување на инциденцата и морталитетот (стапка на смртност од одредена болест).

Притоа подобрување на животниот квалитет на заболените пациентки.

Текстот е подготвен од страна на д-р Јасмина Вета Дарковски, специјалист за гинекологија и акушерство, која моментално раководи со специјалната амбуланта за премалигни заболувања на женскиот генитален систем (вулва, вагина и грлото на матката), во Мајсен, Германија.

За CRNOBELO.com д-р Јасмина Вета Дарковски ќе пишува едукативни текстови на разни теми поврзани со женското здравје. 

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Симптоми кои се јасен знак дека треба да го однесете детето на очен лекар Го покрива едното око, го држи телефонот премногу близу до лицето или многу чест...
Тешкотии при дишење и 'рчење може да се знак за ноќна апнеа: Како да ја препознаете - симптоми и нач... 'Рчење, немирно спиење и често будење, зачестено мокрење во текот на ноќта, замо...
Зошто се јавува сезонскиот грип и како можете да се заштитите? Најчестите симптоми на сезонски грип се кашлица, треска и болки во телото. Повеќ...
Дали ноќното потење е знак за сериозен проблем и кога треба да одите на лекар? Ноќното потење може да биде предизвикано од разни фактори, како менопауза или пи...
Зошто не треба да заспивате пред телевизор? Светлината во текот на ноќта го намалува нивото на мелатонин, што, пак, е поврза...
Зошто не треба често да пиете аспирин на своја рака, без препорака од лекар? Многу (најчесто повозрасни) луѓе имаат навика да пијат аспирин на своја рака бид...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg