Ситници во домот што заборавате да ги исчистите, но гостите секогаш ги забележуваат
Кога последен пат сте го исчистиле телевизорот или, пак, прекинувачите за светилки низ домот?

Сите сакаме домот да ни биде чист и ако сте како повеќето, сигурно редовно бришете прашина, метите и слично.
Сепак, постојат некои ситници што повеќето ги забораваме и генерално не им ни обрнуваме внимание, но тоа не значи дека другите не ги забележуваат.
Пет работи во домот што не треба да ги прескокнете кога чистите:
Тешко достапни места
Веруваме дека редовно ги чистите подовите и теписите, но кога последен пат сте исчистиле под гарнитурата?
Без разлика колку се ниски ногарките на мебелот, штом е малку поткренат од земјата, во овој простор се собира прашина и ѓубре. И, можеби на прв поглед не се забележува, но тоа не значи дека треба да го оставите така.
Затоа, еднаш месечно потрудете се да исчистите под креветите и другите парчиња мебел.

Рамки од прозорци
Премногу е очигледно кога прозорците се валкани и сите настојуваме да ги чистиме редовно. Но, повеќето ги игнорираат рамките кои со текот на времето секако дека се валкаат, особено ако се бели.
Истото важи и за просторот меѓу прозорците каде лесно се собира прашина и ѓубре однадвор.
Па, кога ги чистите прозорците, не се фокусирајте само на стаклата, туку и на рамките.

Брави и прекинувачи за светилки
Бравите се меѓу највалканите предмети во домот, но сепак повеќето ги забораваат кога чистат. Бидејќи ги допираме секојдневно, на нив се акумулираат масти од прстите, бактерии, а се лепи и прашина.
И, ако се загледате, ќе забележите дека се познаваат отпечатоци ако одамна не сте ги исчистиле. Истото важи и за прекинувачите за светилки.

Ламби и лустери
Ако имате столни ламби кои се поставени пониско, веројатно не заборавате да ги исчистите од прашина.
Но, не ги заборавајте и повисоките ламби, како и лустерите.
Можеби вие сте навикнати и не ја ни забележувате прашината, но кога некој ќе ви дојде на гости, сигурно ќе му „падне“ во око.

Телевизори и други екрани
Кога телевизорот е вклучен, можеби и не ни приметувате дека е валкан. Но, важно е да го чистите не само поради изгледот, туку и за да ви трае подолго.
Сепак, никако немојте да го чистите со што било, туку купете специјално средство за чистење екрани, што можете да го користите и за екрани на лаптоп и за смартфон.
Овие средства се продаваат во скоро сите продавници за технологија и се релативно евтини, а траат долго.

Спирова С. | Црнобело
