Како да го отстраните статичкиот електрицитет од облеката (и зошто се појавува)?
Статичкиот електрицитет повеќе се појавува на облека од синтетички материјали, па за да го избегнете, овие парчиња немојте да ги сушите во машина.

Сигурно сте забележале дека кога е постудено, почесто ве „фаќа струја“, косата ви е повеќе разлетана, а електрицитетот се забележува и на облеката.
Главно, причината за ова е воздухот кој во зима е посув поради греењето. Но, има начин да го намалите електрицитетот на облеката.
Зошто се создава електрицитет на облеката?
Статичкиот електрицитет настанува кога има нерамнотежа на електрични полнежи.
Ова настанува при триење, кога има трансфер на електрони. Кога парче облека ќе изгуби електрони, тогаш добива позитивен полнеж, а кога има вишок електрони, тогаш е со негативен полнеж.
Кога две парчиња имаат спротивни полнежи, тие почуваат да се привлекуваат, па затоа облеката изгледа како да се лепи една за друга.
Сувиот воздух создава идеални услови за ова, па затоа статичкиот електрицитет на облеката најмногу се појавува кога ја сушите во машина.
Не ја сушете облеката до крај
Ако имате машина за сушење, немојте да ја сушите облеката до крај бидејќи колку е посува, толку се поголеми шансите да настане електрицитет.
Извадете ја облеката кога ќе биде сосема малку влажна и потоа оставете да се досуши на воздух.
Одделете ја облеката пред да ја сушите
Синтетичките материјали се посклони кон статички електрицитет за разлика од природните, како памук.
Па, за да не ја наелектризирате целата облека, сушете ги одделно парчињата од природни и синтетички материјали.
Сушете ја облеката без машина
Ако ја сушите облеката на воздух, нема да се создаде електрицитет.
Во зима веројатно не ви се чека да се исуши сама ако имате машина, но можете барем синтетичките парчиња да ги закачите на сушара.
Купете топчиња за сушара
Топчињата за сушара (dryer balls) може да ја омекна облеката, а истовремено и да го намалат електрицитетот.
Ако не наоѓате по продавници, сигурно ќе најдете на TEMU по прифатлива цена.
Прочитајте и: Зошто некогаш нè „фаќа струја“ кога допираме нешто или се поздравуваме со некого?
Спирова С. | Црнобело