Сам свој мајстор: Како еден млад маж си го уредил цел стан? (фото)
- Детали
- понеделник, 12 март 2018
Тој единствено го нема изградено домот. Сите останати елементи во внатрешноста, од идеја до реализација, претставуваат производ на креативноста и вештите раце на сопственикот.
Притоа, ентериерот совршено ги отсликува неговите интереси и хобија, особено кон патувањата и кулинарството.
Никој не ја потценува дарбата и професионалноста, ниту потребата од ангажирање архитекти или дизајнери.
Меѓутоа, имагинацијата и способноста на сопствениците на куќи и станови, самостојно да си ги осмислат, како и средат своите домови по сопствена мерка, понекогаш ги надминува сите очекувања.
Овој интересен стан е токму таков пример. Станува збор за животен простор на млад ерген, со вкупна површина од 75 метри квадратни.
Дизајнот, пак, претставува комплетно негово дело. Инспириран од фотографијата што ја погледнал на насловната страна од магазин за ентериери, тој се фатил за работа, па си го создал домот од соништата – со своите десет прсти.
Вели дека неговото катче е резултат на сите дизајнерски совети кои ги прочитал.
Многубројните детали и супер решенија ги изработил, следејќи ги „направи сам“ упатствата од списанија, а за дел од нив имал помош и од пријателите. Во „замена“ за храна, бидејќи е и одличен готвач, тврди станарот.
Притоа, комплетно го преобразил амбиентот:
„Првото што го променив во домот беше тонот на ѕидовите. Сите ги префарбав со бела боја, затоа што маслинесто зелената и сивата беа погрешен избор. Го задушуваа просторот. А, чистата бела боја ми послужи и како платно за сето она што самиот го дизајнирав или пронаоѓав на распродажби.“
Дневниот престој со отворен распоред, како и кујната која воедно е и трпезарија, пружаат доволно место и за гости.
„Кај мене не се реткост собиранките со друштвото. Спалната соба, пак, каде нема прекрупни парчиња мебел, ми овозоможува смирен амбиент за спиење.“
Иако се наоѓа во урбана средина, станот повеќе наликува на пријатна шумска куќичка, одошто на типичен „градски“ стан, за што придонесуваат и изненадувачките елементи од дрво.
„Да, изгледа како викендичка во природа, од која никогаш не би посакале да си отидете, а нема ни да морате, со оглед на тоа дека има баш сѐ што е потребно за модерен и комфорен живот.“ - низ смеа додава сопственикот.
Најдраг елемент во домот му е ѕидот од цигла во спалната соба.
„Се прашував како да додадам малку естетски зачин во инаку обичната просторија. Не ми ни паѓаше на памет колкав труд си бара. Година дена работев со оваа цигла! Всушност, додека го завршив целиот ѕидот, поминаа година и половина.
Меѓутоа, подолг временски период бев отсутен поради честите патувања. Како и да е, пролеав многу пот и солзи, но со трпение и поддршка од пријателите, сега ми е омилениот декор во оваа зона од станот.“
А, дека станарот е љубител на готвењето, сведочи и неговата балконска градина, каде самиот си насадил и одгледува рузмарин, босилек и останатати зачински билки.
„На ова катче сум всушност најмногу горд.“, истакнува тој.
Целта му била да создаде оаза во која ќе може да се опушти и да ги наполни батериите.
А, дали и колку умешно ги остварил своите желби, погледнете од фотографиите во продолжение:
М. А. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





