Семејство со пет деца и три миленици живее во школски автобус и патува низ САД (фото)
- Детали
- вторник, 25 мај 2021
Ана и Џеф Батертон од Тексас имаат пет деца, две кучиња и една мачка, а сите заедно живеат во дом на тркала, што си го направиле од стар школски автобус.
Со години, Ана и Џеф работеле од дома, а нивните деца не посетувале училиште, учеле од дома. Секој викенд тие оделе на патувања, па по некое време почнале дa размислуваат како можат да поминуваат повеќе време во природа.
Пред околу четири години, тие сфатиле дека домот на тркала е најдоброто решение за ова, па почнале да се подготвуваат за овој начин на живот.
Бидејќи станува збор за големо семејство, им било јасно дека ќе им треба малку поголем простор, но максимално искористен. Тогаш налетале на движењето skoolie – група луѓе кои живеат во стари школски автобуси, претворени во дом на тркала.
Џеф, кој е софтверски дизајнер, веднаш го дизајнирал ентериерот на нивниот нов дом, а набрзо потоа купиле и стар школски автобус.
За реновирањето им биле потребни околу шест месеци и сума од 35.000 долари. Кога се вселиле во автобусот со површина од 25 метри квадратни, Џеф и Ана се ослободиле од скоро сите работи што ги имаат.
„Знаевме дека ова е вистинската одлука. Оваа мисла ја победи секоја несигурност, а бевме многу возбудени“, открива Џеф.
Иако е мал, нивниот дом е опремен со сè што им треба. Внатре имаат дневна со место за седење и кујна со многу простор за складирање. Нивните деца имаат кревети на кат, а за Ана и Џеф има голем кревет.
Можеби најинтересниот детаљ е нивната туш-кабина со проѕирен покрив.
Досега семејството има пропатувано низ цела Америка, а Ана вели дека е привилегија да живеат во ваков дом.
„Купивме автобус, го реновиравме, тргнавме на пат и оттогаш се немаме свртено кон назад“, вели Џеф.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





