На гости кај Елизабета: Семејна куќа во Охрид со поглед на најубавите зајдисонца на Охридското Езеро (фото)
- Детали
- сабота, 12 јуни 2021
Елизабета Трајческа Нестороски (26) во уредувањето на домот си ја исполнила најголемата желба - огромен гардеробер, кој сама го нацртала, а омилен детаљ од домот ѝ е терасата од каде ужива во погледот на Охридското Езеро.
Елизабета Трајческа Нестороски (26), дипломиран менаџер по осигурување, живее на кат од семејна куќа во Охрид со сопругот и ќеркичката.
Вели дека ја обожава целата куќа, но најмногу ужива кога ги гледа зајдисонцата на Охридското Езеро од нејзината тераса.
За уредувањето на нејзиниот дом Елизабета за CRNOBELO.com открива:
„Идејата и целосната замисла за уредувањето на ентериерот на спратот од семејна куќа во Охрид во кој живееме со сопругот Сашо и ќеркичката Емили беше целосно моја и во консултација со сопругот и стручното лице кое ни го изработи мебелот.
Скандинавскo-модернистичкиот стил е онај кој е застапен во нашиот дом.
Прва на листа ни беше спалната соба. Бидејќи собата е доста голема одлучив дека помалиот дел од собата ќе биде наменет за гардеробер и за таа одлука никогаш нема да се покаам, бидејќи имам место буквално за сѐ, а и самиот изглед на гардероберот е прекрасен.
Тоа ми беше голем предизвик, целиот гардеробер си го нацртав сама според просторот, а и остатокот на мебелот.
Уште како малечка многу се восхитував на големите плакари за облека, па тоа ми беше преголема желба со години која и ми се исполни.
Потоа следуваа изработката на кујната, дневниот простор и трпезаријата.
Белата боја е онаа која доминира во нашиот дом, асоцирајќи ме на чистота, на мир, на совршенство, пропратена со сивкасто мускатни тонови кај мебелот како гарнитурата, драпери, столици...
Сите делови во домот ми се подеднакво важни, но најмногу би ја издвоила кујната, бидејќи како и секоја жена поминувам најмногу време во неа.
Ми се допаѓа што е многу функционална, секој сантиметар што можев го искористив за да добијам место за складирање е искористен.