На гости кај Љубица и Милош: Стан во Капиштец со широка дневна соба и разиграна детска соба (фото)
„Кога по 16 години живеење во куќа, одлучивме да се преселиме во стан, првото нешто во барањето ни беше да има голем дневен престој. Се навикнуваш на комоција и раздалеченост на мебелот и тоа заедно со голема кујна ти станува приоритет“, споделува Љубица Милосављевиќ од Скопје за станот во кој живее со сопругот Милош и децата Ања и Андреј.
Љубица и Милош Милосављевиќ од Скопје велат дека повеќе или помалку се стандарден брачен пар, од кој едниот е правник, а другиот сликар.
Тие велат дека не се само дијаметрално спротивни по професија, туку и по карактер и лични навики, сепак за клучните проекти во животот како одгледување и воспитување на деца и создавање дом и негово уредување секогаш се сложни во целост.
Токму ќерката Ања и синот Андреј се резултат на нивната љубов и заемна почит која трае веќе 16 години.
Ова 4-члено семејство живее во стан во скопската населба Капиштец.
За уредувањето на нивниот дом, Љубица открива за CRNOBELO.com:
„Мора да признаеме дека живеењето е сосема поинаку и поедноставно кога се функционира во брак е без деца, но од друга страна се чини дека се реализиравме во комплетни личности токму откако станавме родители. Но, за големо семејство треба и соодветен дом.
Кога после 16 години живеење во куќа, одлучивме да се преселиме во стан, првото нешто во барањето ни беше да има голем дневен престој.
Се навикнуваш на комоција и раздалеченост на мебелот и тоа заедно со голема кујна ти станува приоритет.
Нашиот дом е лоциран во скопската населба Капиштец и неизбежно е дел од градската врева, но плени погледот од огромниот прозорец со нестандардни димензии во салонот.
Поглед исполнет со големи дрвја кои датираат од одамна и од време навреме можат да се забележат верверички во раните утрински часови поради близината на Водно, кои за кратко ни даруваат фасцинантна можност и нè делат од скопскиот бетон.
Станот е уреден во минималистички стил со умерен колорит и претставува комбинација на природни текстури со неутрални бои.
Со сопругот сами го осмисливме ентериерот, кој неминовно бараше посветеност и енергија, а имавме ограничен буџет.
Сепак, лесно е нешто да се уреди, но станот да стане дом е всушност најтешката задача.
Да се создаде простор исполнет со топлина и да биде место за задоволување на потребите на едно семејство, особено за нашите деца Ања и Андреј, кои се голема разлика во возраст, е предизвик за што во најголем дел сметам дека сме го оствариле.
Продолжува на следната страна...
Би можело да ве интересира:


