На гости кај Татјана: Колоритен стан на Македонка во Швајцарија со специјално катче посветено на верата (фото)
„Во домот имаме и посебно место за Бог, бидејќи како голем верник во христијанството, верувам дека секој дом треба да биде исполнет со благослов и духовен мир“, вели Татјана Николова (31) од Радовиш, која живее во Лис, Швајцарија.

Татјана Николова (31) од Радовиш, моментално живее во градот Лис (Lyss), во кантонот Берн, Швајцарија.
Во Лис се зборува германски и населението брои околу 15.000 жители.
За уредувањето на домот Татјана споделува за CRNOBELO.com:
„Станот во кој живееме има површина од 80 метри квадратни и располага со дневна соба со кујна, една спална соба, една детска соба, купатило и тераса.

Во домот имаме и посебно место за Бог, бидејќи како голем верник во христијанството, верувам дека секој дом треба да биде исполнет со благослов и духовен мир.

Во уредувањето на нашиот дом и јас и мојот сопруг имавме свој удел.
Јас ги избрав боите, моделот на мебел, лустерите и тапетите.

Мојот сопруг, со своето долгогодишно работно искуство како мајстор за мебел (од цртање, па сè до монтажа), го одреди местото на секое парче мебел и професионално ги залепи тапетите.
Избрав комбинација од тиркизна, жолта и фуксиjа боја (силна црвеникава или розова боја наречена по цветот на растението фуксијa), затоа што тие бои создаваат баланс помеѓу смиреност, енергија и духовност.

Тиркизната внесува мир и просторност.
Жолтата носи топлина и радост.

Фуксијата додава креативност и елеганција.

