Шест грешки поради кои малиот дом изгледа уште помало (и хаотично)
Мебел за кој очигледно немате место, како и доминација на темни бои. Кои грешки прават малиот стан да изгледа уште помало?

Живеењето во мал стан веќе е норма, но уредувањето може да биде малку проблематично.
Кога работите со мал простор важно е да имате сè што ви треба и станот да биде функционален, но исто важно е и да не изгледа натрупано.
Неколку грешки кои треба да ги имате предвид:
Широки полици и комоди за одделување на просториите
Постојат многу начини визуелно да ги одделите кујната и дневната, но во мали станови, комодите и широките полици не се решение.
Со ова дополнително ќе го смалите просторот и собата ќе изгледа натрупано.
Ако сепак сакате да направите некаква преграда, подобро искористете минималистички панели од дрво или, пак, стакло.
Големи гардеробери
Точно е дека во мал стан треба да бидете покреативни за да направите простор за складирање.
Но, истовремено, не треба дополнително да го затворите просторот со огромни гардеробери.
Многу подобро е да го искористите вертикалниот простор за складирање, но и да купите мебел кој има место за складирање.
На пример, можете да купите спална со фиока на долниот дел или гарнитура во која има скриен простор за складирање.
Многу темни нијанси
Точно е дека темните нијанси изгледаат луксузно и елегантно. НО, ако доминираат во мала соба, ќе направат да изгледа уште помала.
Во овој случај подобро е да ги користите темните нијанси само за да акцентирате нешто.
Визуелен хаос
Потребен е многу мал неред за малиот стан да изгледа хаотично и уште потесно.
Затоа избегнувајте да го трупате просторот со многу украси.
Непотребен мебел во домот
Пред да купите парче мебел, без разлика колку ви се допаѓа, размислете дали воопшто имате простор за него.
Точно е дека уникатната фотелја може да изгледа убаво, но ако ви ја зафаќа пола дневна соба, сигурно нема да се вклопи добро.
Кога уредувате мал стан, секогаш е подобро да се држите до поминималистички ентериер.
Само еден извор на светлина
Ако просторијата е многу мрачна, ќе делува и како да е помала.
Затоа ставете уште некој извор на светлина, како подна ламба, сијалички и слично.
Спирова С. | Црнобело
