5 работи во уредувањето на домот кои изгледаат одлично на фотки, а не се практични во реалноста
Мебелот со долги, елегантни ногарки изгледа одлично, но негативната страна е што под ногарките на креветите или плакарите многу лесно се собираат прашина и ѓубре... Што друго треба да избегнувате при уредувањето на домот?

Барајќи идеи за уредување или реновирање на домот, често наидуваме на фотографии кои изгледаат идеално и чии делови сакаме да ги вметнеме во сопствениот дом.
Но, понекогаш она што изгледа совршено на фотки, е всушност непрактично во реалноста, па многу луѓе се покајале поради грешките што ги направиле.
Кои 5 работи при средувањето на ентериерот изгледаат совршено на фотографиите, но се непрактични во реалноста?
Теписи со долги влакна
На изглед се меки, нежни, одлични да газите преку нив и да си ги одморите стапалата.
Но, реалноста е поинаква - ако нешто ви падне, трошки од храна на пример, тешко ќе ги најдете меѓу влакната.
Или ако имате миленик, неговите влакна при митарење лесно ќе се преплетуваат со влакната од тепихот и потешко ќе се чистат.

Мини плочки во кујната
Иако овие плочки изгледаат супер на око и многумина им се восхитуваат, сепак, лошата вест е дека се многу тешки за чистење.
Без оглед дали треба да ги исчистите фугите или самите плочки од правот и насобраната мрснотија што се лепи за нив при готвење, факт е дека чистењето е многу полесно кога плочката е голема.

Големи огледала на ѕидовите
Кога ќе закачите големо огледало на ѕид, тоа го правите со идеја дека просторот ќе стане визуелно поголем, поради рефлексијата.
И тоа е точно, но што кога собата ќе биде неуредна, со расфрлани алишта и слично, па нередот ќе почнете да го гледате дупло - и пред вас и преку огледалото кое зафаќа голем дел од ѕидот?
За да си го намалите потенцијалниот стрес, ако сакате огледало на ѕид, изберете некое помало, украсно или налик рамка за слика, па ставете го над креветот на пример - тоа ќе рефлектира само работи што ги има во горниот дел од просторијата, но не и нередот долу.

Мебел со ногарки
Мебелот со долги, елегантни ногарки изгледа одлично, како да лебди во просторијата.
Но, негативната страна е што под ногарките на креветите или плакарите многу лесно се собираат прашина и ѓубре, па ќе мора да пребришувате и чистите под нив (скоро) секој ден.
Па, ако не сакате толку многу да се мачите со чистење, подобро е да изберете мебел без ногарки.

Отворени полици
Многу луѓе кои живеат во мал дом, веруваат дека отворените полици нема да го „затворат“ просторот визуелно, и тоа е точно.
Но, во реалноста, сите имаат различни чинии, чаши, предмети кои не се соодветни едни со други, па кога ќе ги ставите на отворена полица делува како да се предмети изложени на продажба, на рафт во продавница.
Поради ова многу е веројатно да сакате да фрлите некои работи и да ги замените со нови, стилски покомпатибилни, а тоа ќе значи и нов финансиски трошок.
А и работите ставени на отворени полици лесно собираат прашина, па и нив ќе мора да ги пребришувате скоро секојдневно.

А. Ј. | Црнобело