Во кујна со Мила: Рецепт за вкусна туршија за мезе со ракија (со зеленчук од нејзината градина)
„Ние, градинарите, знаеме како е кога на крај на сезоната ќе ни останат десетици килограми недозреан зеленчук и не знаеме дали тоа што останало на стеблата ќе дозрее, или ќе замрзне. А, има останато многу, и жал ни е да се уништи. Па, затоа јас си имам свој рецепт за туршија“, вели Мила oд Скопје, која со сопругот Дарко живее во Орешани.

Мила, фриленс фотограф oд Скопје, со сопругот Дарко, ИТ инженер кој претежно работи онлајн од дома, исто така од Скопје, одлучија главниот град да го заменат со живот во викенд населбата Орешани, која се наоѓа на само 5 минути пешачење од истоименото село, кое брои 600 жители.
Мила во една пригода за CRNOBELO.com изјави дека викенд населбата е помирна од селото и дека таму со Дарко го пронашле својот мир. Тие си имаат своја градина од која се хранат, руралната идила ја делат со милениците и гледаат колку што е можно поретко да го посетуваат Скопје.

Mила за CRNOBELO.com споделува:
„Ние, градинарите, знаеме како е кога на крај на сезоната ќе ни останат десетици кила недозреан зеленчук, а времето не може да се одлучи дали ќе почнува зима во октомври, или ќе тера второ лето до декември.


Не знаеме дали тоа што останало на стеблата ќе дозрее, или ќе замрзне. А, има останато многу, и жал ни е да се уништи.


Поради ова, јас си усовршив рецепт, базиран на повеќе постоечки рецепти, но, прилагоден за моите потреби, за еден тип туршија што јас си ја викам „градинарско мезе“ или „како да го спасиме преостанатиот зеленчук“.


Во оваа фаза (октомври, понекогаш почеток на ноември, зависно од температурите) ние што не користиме пестициди, имаме и доста оштетени и изгрицкани плодови од инсекти, некои се и мутирани и малку деформирани поради големите скокови меѓу дневната и ноќната температура.

