Теодора од Скопје беше во Дубаи со мало дете и бебе: „Ме плашеше летот со 2-месечно бебе, Дубаи е рај за деца“
Кои места или атракции беа омилени за децата? Што најмногу ги воодушеви нив, а што вас како родители?
Искрено, во Дубаи има толку многу содржини за деца што е тешко да се одбере едно, но ако морам да издвојам, Леголенд беше дефинитивно најголемото воодушевување, и за децата и за нас како родители.
Цел ден поминат таму ни беше исполнет со смеа, возења и активности што навистина ги поврзуваат сите генерации.
Исто така, Давид беше фасциниран од аквариумот во хотелот Атлантис.
Тоа чувство кога застанува пред огромно стакло и гледа ајкули и риби како пливаат на само неколку сантиметри од него е нешто што ќе го памети долго.
За нас како родители, највредни ни беа моментите кога ги гледаме нашите деца среќни, восхитени и целосно присутни во моментот.
Тоа ни е секогаш најголемото задоволство од секое патување.
Кои беа најголемите предизвици и како ги надминавте?
Еден од најголемите предизвици што го очекувавме беше летањето со двомесечно бебе.
Со толку мало дете, секогаш има доза на неизвесност – дали ќе плаче, дали ќе му смета промената на притисок, дали ќе може да заспие.
Но, за среќа, сè помина изненадувачки лесно и Дарин ги преспа летовите што ни го олесни целото искуство.
Друг предизвик беше дневната рутина на Давид, особено попладневната дремка.
Во таков динамичен град, полн со атракции, лесно е да се изгуби ритамот. Но, со добра организација и малку флексибилност, секогаш наоѓавме начин да направиме пауза и да му овозможиме време за одмор.
Така и тој имаше енергија за уживање во остатокот од денот, а ние мир и баланс во целото патување.
Што би им препорачале на семејства кои првпат патуваат во Дубаи со деца?
Најважно е да се постават реални очекувања и добра организација – планирање на активности и знаменитости што би сакале да ги посетат, но без да се претерува.
Децата имаат свој ритам, па колку и да е возбудлива дестинацијата, рутината (спиење, оброци, паузи) треба да остане приоритет.
И што е најбитно – да не се става притисок врз себе.
Дубаи е град што нуди многу, но не мора сè да се види одеднаш. Одете со отворено срце, оставете простор за спонтани моменти, и уживајте релаксирано, без трка.
За децата, најважни се времето и вниманието што го добиваат од вас – сè останато е бонус.
Што би им препорачале на родители што се плашат да патуваат со бебе?
Искрено – ги охрабрувам од срце! Давид првпат патуваше со авион на 6 месеци, Дарин уште порано – на само 2.
Без разлика дали одите од Скопје до Велес или од Скопје до Дубаи, бебето секогаш го носи својот ритам со себе – ако е нахрането, суво и во безбедни раце, патувањето не му претставува проблем.
Не чекајте децата да пораснат за да почнете да патувате.
Патувајте заедно, создавајте спомени од најрана возраст. Ќе се изненадите колку тие моменти ве зближуваат како семејство.
А бебињата? Тие се многу пофлексибилни отколку што мислиме.
Дали би се вратиле повторно? И ако да - што би направиле поинаку?
Со сигурност да!
Можеби дури и уште подолго следниот пат – зошто да не?
Дубаи е град што постојано нуди нови искуства, и колку и да останеш, секогаш ќе има уште нешто за да се види, доживее или проба.
Искрено, ништо не би сменила, само би додала неколку нови работи на листата – некои атракции што не успеавме овојпат да ги посетиме.
А најважното – повторно би уживале во секој момент, без брзање, со уште повеќе спонтани семејни моменти.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
Би можело да ве интересира:





