Карина од Колумбија живее во Неготино со сопругот: „Ми се допаѓа што Македонците се многу блиски со своите баби и дедовци“
- Детали
- сабота, 07 јуни 2025
„Во мојот роден град како турист нема да бидете добро прифатени од локалното население, бидејќи најголем дел од туристите доаѓаат за сексуален туризам и само за забави, а не за да уживаат во прекрасното време, природата, културата, музиката и топлината што луѓето таму ја имаат“, вели Карина Луз Гонзалез Бенитез (22) од Колумбија за CRNOBELO.com.
Карина Луз Гонзалез Бенитез (22), по професија маркетинг координатор, е од Меделин, Колумбија, а веќе речиси една година живее во Неготино, Македонија.
Таа снима забавни видеа на македонски јазик, со кои стана хит на Инстаграм.
Во интервју за CRNOBELO.com Карина споделува детали за животот тука:
Колку долго живееш во Македонија и зошто ја избра токму оваа земја?
Во Македонија живеам веќе 11 месеци, а дојдов во оваа земја бидејќи маж ми е од тука.
Но, тука сме само привремено и наскоро планираме да се преселиме, а каде - сè уште размислуваме.
Што те донесе тука и што те натера да останеш?
Со сопругот патуваме по светот и живееме на различни места, па решивме тука да поседиме една година.
Што ти се допаѓа најмногу во Македонија?
Во Македонија најмногу ми се допаѓаат традициите кои ги има тука.
Со што се занимаваш? Дали трошоците за живот во Македонија се повисоки или пониски од оние во Колумбија?
Поради тоа што зборувам неколку јазици, јас работам од дома како комуникатор за компанијата на мојот сопруг, која е странска компанија.
Трошоците за живот во Колумбија и Македонија се многу слични. Една повоочлива разлика е тоа што во Колумбија има многу туристи, па поради тоа и цените на одредени работи како становите се повисоки.
Како ги доживуваш разликите меѓу Македонците и Колумбијците кога станува збор за љубовта, пријателството и работата?
Односите меѓу луѓето во Колумбија се слични како и тука, но има неколку разлики.
Луѓето во Колумбија се поотворени и подиректни кога станува збор за љубовта и пријателството.
Но, најголемата разлика е во тоа што како во Колумбија, така и во сите латиноамерикански земји, ние сме многу семејно ориентирани.
Многу често се собираме заедно, без разлика колку ни се големи семејствата, а знаат да бидат доста големи за разлика од тука.
Како одлучи да снимаш видеа на македонски?
Македонскиот јазик го научив за да можам да зборувам со луѓето тука, но и за да ги запознаам подобро македонската култура и традициите, но исто така и да ја споделам мојата култура со луѓето што навистина ми се допаѓаат.
Па, така и ми дојде идејата да почнам да правам видеа каде што ќе можам со повеќе луѓе да ги споделам моите искуства.
Кои навики на Македонците ти се најинтересни?
Мислам дека е многу убаво што сите се многу блиски со своите баби и дедовци.
Не сум го видела тоа никаде на друго место.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





