Славица од Скопје 12 години живее во Осло: „Стан од 60m2 чини 348.000 евра, Норвежаните одат на одмор во Норвешка“
- Детали
- вторник, 19 август 2025
„Норвежаните се големи патриоти и навистина се горди на својата земја и природа. Дури и родендените се слават со поставување на норвешкото знаме на влезот на куќата. Тие претпочитаат да патуваат низ Норвешка и „норвешки одмор“ е засебен термин/збор кој го опишува летниот одмор поминат некаде низ Норвешка, најчесто во викендичка“, вели Славица Савеска - Кењереш од Скопје за животот во Осло.

Славица Савеска - Кењереш од Скопје, по професија дипломиран економист, од 2012 година живее во Осло, со сопругот и двете ќерки на возраст од 4 и 10 години
Таа вели дека после 13 години таму може да каже дека во Осло е нејзиниот дом и мир. Но, неретки се ситуациите кога се чувствува како да не припаѓа таму.
Културата и традицијата од Македонија се многу различни од норвешките, па не е ни чудно што нејзината логика често не им изгледа логична на луѓето околу неа.
Славица за CRNOBELO.com споделува како изгледа животот во Норвешка:
Зошто токму Норвешка?
Во Осло дојдов во септември 2012 година бидејќи мојот тогашен дечко, а сегашен маж беше дојден да работи во Осло, а јас имав среќа да бидам повикана да работам волонтерски на проект, финансиран од Европска унија. И оттука започна сè.
Работев волонтерски нешто повеќе од една година, но, и покрај тоа што не добивав плата, имав преку проектот обезбедено место за живеење, храна, картичка за градски превоз и нешто ситно како џепарлак.
Од оваа перспектива имам многу убави спомени од тоа време, бидејќи на проектот бевме петмина од 5 различни земји на светот, па тоа беше мојата прва вистинска изложеност на различни култури и сфаќања.
За првпат далеку од дома, се спознав себеси на сосема различен начин и сфатив дека ние луѓето имаме неверојатна способност да се адаптираме на новонастанатите состојби.
Никогаш пред тоа не ми ни паѓало на памет да живеам на друго место од Скопје и никогаш порано не ни имав помислено дека може да се создаде дом далеку од дома.

Со што се занимавате во Норвешка?
Јас сум по професија економист, но сè до преселбата во Норвешка, немав работено во мојата струка.
За време на средното образование и во факултетските денови на неколку периоди работев во неколку скопски телевизии и тогаш ја открив љубовта кон новинарството и водителството.
По завршување на факултетот, патот пак ме однесе во иста насока, и во една скопска телевизија работев како новинар и водител сè до мојата преселба во Норвешка.

Во моментов работам во кредитното одделение во секторот за економија на Hertz. Hertz е интернационална компанија за краткорочно и долгорочно изнајмување на автомобили и други средства за транспорт.
Во Норвешка Hertz е водечка компанија за изнајмување автомобили, но истата компанија под лиценца оперира и на пазарот во Македонија.
Мојата работна позиција има флексибилни работни обврски каде јас во голема мера сама ја креирам динамиката на работниот ден.
Имаме таканаречен хибриден модел на работа со home office (работа од дома), кој е наследен од времето на корона, но за кој сум благодарна што постои.
Некогаш е баш убаво работниот ден да започне без брзање по метроа и да се одвива во удобноста на домот, а богами и во удобноста на тренерките.

Дали се заработува добро во Норвешка?
Ова е прашање на кое нема едноставен одговор, бидејќи многу фактори играат улога за висината на платата.
Во прв ред би рекла дека е важно градот во кој живеете како и професијата.
Во поголемиот дел на Норвешка важи правилото на прогресивен данок на приход, така што колку повисока плата, толку повисок процент на данок, кој може да достигне и 50%.
Но, во делови на Норвешка, како на пример островите Свалбард (кои се под мраз поголемиот дел од годината), данок на приход може да е најмногу 22%.

Таму не се плаќа данок на додадена вредност, на пример.
Во однос на професиите најплатени се професиите како брокери на бродови, но и професии во областа на екстракција на нафта и гас, финансиски сектор, осигурување.
Но и типичните занаетчиски професии се добро платени. Електричари, водоинсталатери, молери, механичари заработуваат добро и се барани на пазарот на труд.
Во категорија барани професии се и професии во областа на IT.

Каде одат Норвежаните на одмор?
Норвежаните се големи патриоти и навистина се горди на својата земја и на убавата природа.
Дури и родендените се слават со поставување на норвешкото знаме на влезот на куќата.
Тие претпочитаат да патуваат низ Норвешка и „норвешки одмор“ е засебен термин/збор кој го опишува летниот одмор поминат некаде низ Норвешка.

Неретко имаат една летна викендичка на море и една зимска викендичка на планина, така што тие одбираат многу често летниот одмор да го поминат на викендичка.
Се патува исто и во соседните земји Данска и Шведска, а од подалечните дестинации дефинитивно Шпанија.

