Славица од Скопје 12 години живее во Осло: „Стан од 60m2 чини 348.000 евра, Норвежаните одат на одмор во Норвешка“
Најдобра и најлоша карактеристика на локалците?
Норвежаните, соодветно на временските прилики во Норвешка, се релативно ладни и резервирани.
Уживаат да планинарат и воопшто да бидат во природа. Сите спортуваат и негуваат здрав начин на живот.
Не се водени од чувства и имаат став „Полека. Ќе биде добро“.
Најчесто се држат на страна и се индивидуалисти по природа.
Двата метри оддалеченост за време на корона, со задоволство беа заменети со стандардните 5 метри оддалеченост кога се вративме во нормала.

Какви се цените на недвижнините?
Цената на недвижнините оди само нагоре. Ако пред 10 години, можеше да се добие стан од 60m2 за 2 милиони круни (174.000 евра), сега за истиот треба да се издвои барем 4 милиони круни (348.000 евра).
Цените во центарот на Осло се приказна сама за себе.
Пред неколку години стан во центарот на Осло од само 11m2 беше продаден за неверојатни 2,4 милиони круни (202.000 евра).
Каматните стапки на станбените кредити исто се во постојан пораст. Ако во 2021 каматните стапки беа под 2%, сега се околу 6%.
За купување стан е потребно обезбедено учество од 10%, а банката може да одобри максимален кредит кој е во висина на 5 годишни плати на барателот.

Што е најголемата разлика меѓу Скопје и Осло?
Дефинитивно сонцето. Тоа е една од работите кои навистина ни недостига тука.
Зимите во Осло се долги, ладни и со многу мраз и снег. Зимата започнува некаде во октомври/ноември и може да трае до крајот на април. Тогаш и ноќите траат долго.

Во зима одиме на работа во ноќ и доаѓаме од работа пак во ноќ. Но, затоа денот во лето трае долго.
Во летните месеци дури и во Осло има состојба на полноќно сонце. Во посеверните делови на Норвешка е уште посветло.

Што би однела во Осло од Скопје?
Фамилијата. Тоа е најголемата и непреболлива болка.
Тие се причината поради која секогаш ќе се враќам во Македонија. Времето поминато со нив е бесценето.

Дали секој што ќе замине има шанса да успее?
Се разбира дека да. Но, успехот е релативна состојба. Дали е успех самиот чин на иселување, или успех е да се има голема куќа, дебела банковна сметка и Тесла или нешто сосема друго?
Моето сфаќање е дека често нашите потрошувачки навики се менуваат правопропорционално со зголемување на висината на плата, така што не е дадено дека квалитетот на животот ќе биде значително подобар ако се заработува повеќе.
Ако повисока плата значи и повисоки трошоци, тогаш прашање е колку сме „успеале“. Тајната на нашиот „успех“ дефинитивно не се мери со куќа на три ката со базен и луд автомобил во дворот, туку со секојдневие кое е лишено или подобро кажано заштитено од секојдневни грижи, а поткрепено со можности за нашите деца.

Јас, после 13 години тука, можам да кажам дека тука во Осло е мојот дом и мир.
Но, неретки се ситуациите кога се чувствувам дека не припаѓам тука.
Нашата култура и традиција е многу различна од норвешката, па и не е чудно што многупати мојата логика не им е логична ним. Но, се случува и во Македонија да се почувствувам различна од другите и несфатена.
Таква е судбината на тие како мене, што сме се отселиле од татковината. Нашето срце и поделено и ние припаѓаме секаде и никаде.

