На одмор со Даниел Данн во Атина: „Бев сам 8 дена, плажите се убаво организирани - кафе е од 3€, лежалки од 10€ нагоре“
- Детали
- сабота, 26 јули 2025
„Сместувањето буквално го резервирав истиот ден додека возев кон Атина. Но, врв на одморот ми беше концертот на Кајли Миног, поради што и решив на летување годинава да одам таму“, вели пејачот Даниел Данн кој беше сам на одмор во главниот грчки град.

Пејачот Даниел Данн својот одмор годинава го испланира како комбинација од плажа + градски туризам.
Тој на летување замина сам, а ја посети Атина и дел од нејзините знаменитости, плажите во градот и неговата близина, беше на крстарење до островот Егина, каде што помина еден ден, а летувањето го заврши со посета на музичкиот фестивал Release, каде што настапија Кајли Миног и евровизиската победничка Лорин.


За својот одмор, што нуди Атина за туристите во однос на плажите, но и за спектакуларниот концерт, Даниел ни раскажа во нашата рубрика „На одмор со...“:
„Ова лето решив да одам сам на одмор - 8 дена во Атина, а градот го посетив првпат.
Беше едно од оние патувања што ги планираш минимално, но ги доживуваш максимално.
По пат направив кратко застанување во Лептокарија и Платамона, и во двата правца, за малку да го продолжам уживањето, но и да си ја олеснам рутата.
Целта ми беше да поминам време со себе, без преголеми очекувања или планови - само авантура, спонтаност и моменти што ќе ги паметам.


Патував сам со автомобил и тоа ми даде една дополнителна доза на слобода, без тајминг - само јас и патот.
Во еден правец се околу 700km, и искрено, возењето ми беше уживање. Бев во свој ритам, со музика, застанував каде што ќе посакам.
Вкупните трошоци за гориво и патарини во двата правца беа околу 200-250 евра, што за едно соло патување со автомобил е сосема прифатливо, особено ако ја цениш независноста што ја добиваш со тоа.


Сместување најдов во населбата Петралони - едно пријатно, урбано и кул место, близу срцето на Атина, но доволно тивко за одмор.
Ми се погоди идеално - во близина имаше и метро, и маркети и локални кафулиња.
Интересно е што буквално го резервирав истиот ден додека патував кон Атина.
Сакав сè да биде спонтано, без голема логистика. Сместувањето ме чинеше околу 50 евра по ноќ и вредеше секое евро - чисто, удобно и со пријатни домаќини.


Сакав да уживам во локалната кујна, па најчесто јадев во ресторани и таверни.
Храната ми беше дел од авантурата - од свежа морска храна до традиционални грчки салати и мезе.
Имав и неколку вечери во руфтоп барови, меѓу кои особено ми се допадна 360 Rooftop, локал со панорамски поглед на Акропол, совршена атмосфера и квалитетна кујна.
Цените беа разумни - кафе 3-4 евра, пијачки 6-10 евра, а едно добро јадење од 12 до 18 евра.
Понекогаш и пазарев во локални маркети, намирници за доручек или овошје за на плажа, но генерално сакав да си дозволам гастрономско уживање.


Плажите околу Атина ме изненадија пријатно - има навистина добар избор, од урбани и организирани, до порелаксирани и скриени.
Јас лично одев исклучиво со автомобил - не сакав да се замарам со метро или автобуси, едноставно бев хедонистички настроен.
Сакав да запливам, да се опуштам со кафе или пијалак, и потоа да се префрлам на следната плажа. Така ми беше најудобно и најслободно.


Плажите главно се со камчиња и карпести, но има и песочни, зависно од локацијата.
Многу се организирани - со бич барови, лежалки, добра музика.
Понекогаш изнајмував лежалка (која беше од 10-15 евра), а некогаш си носев своја лежалка и се поставував каде што ќе ми се допадне.
Еден ден, буквално правев плажа-тура - по 30 минути на една се префрлав на друга плажа, само за да го почувствувам секое место.


