На одмор со Даниел Данн во Атина: „Бев сам 8 дена, плажите се убаво организирани - кафе е од 3€, лежалки од 10€ нагоре“
Најпозитивно од летувањето сам беше - слободата. Тоа чувство кога си сам, но не си осамен.
Кога сам си го креираш денот, без обврски, без договори. Имав време за себе, за размислување, за запознавање нови места, нови вкусови и доживувања.
Спонтаноста ми донесе најубави моменти - без притисок, без да морам сè да испланирам однапред.


На пример, одлуката да одам на островот Егина ја донесов претходната вечер, и тоа беше еден од најубавите денови.
Одењето на Егина беше еднодневна екскурзија, а возењето со брод траеше околу еден час.
Повратниот билет беше околу 25 евра. Егина е прекрасен остров, не толку преполн со туристи, со убава плажа, многу добра морска храна и еден поинаков мир од големите градови.
Имав чувство дека времето таму тече побавно – баш она што ми требаше.


А ако треба да издвојам некоја негативна страна, тоа би биле тие кратки моменти на самотија.
Понекогаш, кога гледаш луѓе во група, парови што заедно уживаат, те фаќа некоја мала доза на тага, или сакаш да споделиш некој убав миг... Но, тоа е минливо.
Всушност, тие моменти само ми ја потенцираа убавината на она што сакав да го направам - да патувам сам, и да го почувствувам „повикот за будење“.


Самото патување ме отвори повеќе кон луѓето. Во кафуле, на плажа, во бар - многу полесно влегуваш во муабет кога си сам.
Луѓето во Атина се пријателски расположени и опуштени, а и туристите се отворени за разговор.
Се запознав со неколку луѓе, разменивме искуства, совети за места, па дури и заедно излеговме една вечер.
Комуникацијата беше лесна и природна - најчесто започнуваше со едноставно „Од каде си?“ и понатаму само тече.


Акропол беше врвно доживување - толку импресивна енергија и историја на едно место. Го посетив и музејот, кој навистина ја збогатува сликата за античка Атина.
Плака е како мало магично маало тесни улички, галерии, уметници, мали кафулиња.
Ноќниот живот, особено во делот околу Монастираки и Синтагма, е неверојатно жив и енергичен.
Руфтоп баровите нудат не само одлична храна и пијалаци, туку и спектакуларен поглед на градот. Музиката, амбиентот, луѓето - сè беше совршено.


Release Festival беше врвот на патувањето, едно од оние доживувања што не се забораваат. Всушност ова и беше поводот за да отидам до Атина.
Бев во првите редови на концертите на Лорин и Кајли Миног, со чувство дека сум дел од нешто големо.
Лорин имаше толку силна, емоционална енергија, додека Кајли беше вистински шоумен – како што и очекував, мега ѕвезда со исклучително голема харизма.
На сите нејзини хитови се пееше, се танцуваше, се чувствуваше слобода и радост. Тоа беше ноќ што ќе ја паметам долго“.


Повеќе фотографии во продолжение:




