Наталија (36) од Русија вторпат ја посети Македонија: „Омилена земја ми е, преку песните на Тоше дознав за неа“
Сакам да изразам огромна благодарност до мојот пријател Александар Менкиноски - тој е млад и талентиран фотограф и музичар од Струга.
Александар ми помогна во организацијата на ова патување - ми даде покана за влез во земјата (на Русите за посета на Македонија им е потребна виза или покана од роднини/пријатели кои живеат таму).
Исто така, тој ми даде голема поддршка додека бев тука и ми помогна во решавање на сите прашања што се појавуваа за време на мојот престој, како и за ова интервју да биде напишано на македонски јазик.
Се разбира, и тој е заслужен за сите фотографии од мене.

Инаку, го слушам Лозано уште од многу одамна. Првпат ја слушнав неговата песна „Обичен без тебе“ на Sky Radio (во тоа време го слушав секој ден на интернет).
Неговиот глас ми изгледаше многу сличен на гласот на Тоше. Но бидејќи ги знаев сите песни од Тоше, сфатив дека е некој друг.
Ги најдов неговите песни на YouTube и буквално се вљубив во нив. Оттогаш го следам неговото творештво, настапите и новите песни.
Навивав за него на натпреварите Славјански базар во Белорусија и на Евровизија.
Не зборувам македонски, но ги знам сите текстови на неговите песни наизуст.

Бев целосно воодушевена од концертот на Лозано. Тој остави многу убав впечаток кај мене.
Бев многу задоволна од неговиот настап во живо, како и од тоа што ги испеа сите мои омилени песни.
Ми се допадна и неговата интеракција со публиката. Во салата владееше многу пријателска атмосфера.
И воопшто, од него зрачи многу позитивна енергија. За жал, не успеав лично да се запознаам со Лозано и да направам фотографија за спомен.

Покрај Скопје (каде што посетив Водно и Матка), посетив и други поголеми градови во Македонија.
Моето најомилено место во Македонија е Охрид.
Дома дури имам и слика со приказ на Црквата Св. Јован Канео.

Го посетив Крушево, имав голема желба да отидам во Меморијалната куќа на Тоше Проески, и тоа го направив.
Прошетав во стариот дел на Охрид - Варош, прошетав низ Струга, и на север стигнав до манастирот Бигорски, а попатно го посетив и манастирот Рајчица.
Покрај целото патешествие доаѓајќи до Македонија, јас направив уште некои си 1000km патувајќи низ земјата.

Ме инспирира природата на вашата земја - величествените планини и брзите реки.
Затоа ми е жал кога гледам толку многу ѓубре по улиците на македонските градови.
Живеете во прекрасна земја која треба да се зачува за следните генерации.

Инаку, немам македонски корени (барем колку што знам), но со целото срце ја сакам Македонија.
Делче од вашата земја секогаш е со мене - во мојата плејлиста.
Освен Тоше Проески и Влатко Лозаноски, слушам и други македонски изведувачи. Многу ги сакам Калиопи и Каролина Гочева, на пример.

Ја сакам и македонската традиционална музика - песни како „Јовано Јованке“ и „Со маки сум се родила“.
Секако, го сакам и го почитувам творештвото на групата ДНК. Тие дадоа огромен придонес во развојот на македонската култура.
Моето срце беше скршено и плачев заедно со вашата земја кога дознав за трагедијата во ноќниот клуб во Кочани.
Оваа трагедија не ме остави рамнодушна. Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените. Вечна им слава.

Моето патување заврши, но имам толку многу убави и пријатни впечатоци.
Се надевам дека ова не е мојата последна посета на Македонија - земјата на светлото сонце и гостопримливите луѓе“.
