На одмор со Драгана и Михаил во Сиде, Турција: „Ден пред поаѓање резервиравме преку агенција во хотел само за возрасни“
- Детали
- понеделник, 27 јули 2026
„Во Сиде има историја и неверојатни зајдисонца... За време на престојот го посетивме и „The Land of Legends“, место кое со право го нарекуваат турски Дизниленд. Единствено мал предизвик беа високите температури и големата влажност, но тоа е нешто што едноставно е дел од турското лето“, вели Драгана Костиќ Петрушев за CRNOBELO.com.

Драгана Костиќ Петрушев, професор по филозофија, и Михаил Петрушев, мајстор за изработка на мебел, годинава го избраа Сиде, Турција, како дестинација за одмор.
Сиде е популарно туристичко место на јужниот брег на Турција, во провинцијата Анталија, познато по долгите песочни плажи, античките урнатини и медитеранската атмосфера.
Градот нуди комбинација од одмор покрај море и историја, со знаменитости како античкиот театар, храмот на Аполон и старата градска област со ресторани и продавници.

Драгана за CRNOBELO.com споделува:
„Патувањата отсекогаш биле дел од нашиот начин на живот.
Уште од денот кога се запознавме, јас и мојот сопруг се водиме по едно едноставно правило – многу да работиме, но секоја слободна пригода да ја искористиме за ново патување.

Доволно е да ја поминеме првата патарина и стресот од секојдневието останува зад нас. Од тој момент сме сосема други луѓе.

Тој е поголем љубител на патувањата низ Македонија, па благодарение на него речиси ја имаме прошетано целата земја.
Освен Кавадарци и Неготино, можам да кажам дека заедно сме ги посетиле речиси сите поголеми места.

Македонија навистина крие прекрасни локации за кои честопати не сме ни свесни дека постојат.
Овој летен одмор, поради многуте обврски и недостатокот на време, го испланиравме буквално за еден ден.

Ден пред поаѓањето го резервиравме преку туристичка агенција, а мене, признавам, најтешко ми падна тоа што во последен момент требаше да пакувам, пеглам и да се организирам.

Но, тие што ме познаваат, знаат дека сум од оние што сакаат сè да биде испланирано до најмал детаљ.
Сакам јас и Михаил да бидеме усогласено облечени, па однапред ги подготвувам комбинациите – за на плажа, за прошетка, за вечера… Тоа ми е посебен ритуал и дел од возбудата пред секое патување.
Затоа ова експресно пакување ми беше вистински предизвик (ха-ха).
Оваа година изборот падна на Турција, поточно на областа Сиде.
