На одмор со Драгана и Михаил во Сиде, Турција: „Ден пред поаѓање резервиравме преку агенција во хотел само за возрасни“
Уште при самиот влез имате чувство дека сте зачекориле во некоја бајка. Архитектурата, атмосферата, светлата и целото доживување изгледаат магично.
Тоа е едно од оние места на кои без двоумење би се вратила повторно.


Посебен впечаток ни остави и вечерната тура „Side by Night“. Стариот дел на Сиде е вистински спој на историја, култура и медитерански шарм.

Прошетката по стаклената патека под која се гледаат археолошки ископини стари повеќе од две илјади години е нешто што не се заборава.
Калдрмисаните улички, малите продавници, рестораните и погледот кон морето создаваат атмосфера што ве тера да заборавите на времето.

Секако, не може да се зборува за Сиде, а да не се спомене и величествениот Храм на Аполон – симболот на градот.
Белите столбови што гордо стојат покрај морето, особено во моментите кога сонцето заоѓа, создаваат една од најубавите глетки што сум ги видела.

Таму навистина ја чувствувате тежината на историјата и убавината на природата во ист момент.
Она што, можеби, најмногу ме воодушеви беше љубезноста на луѓето. Турците навистина знаат како да направат туристот да се чувствува добредојдено.

Без разлика дали стануваше збор за персоналот во хотелот, продавачите, келнерите или локалното население, сите беа насмеани, услужливи и секогаш подготвени да помогнат.

И покрај тоа што Сиде во овој период е преполн со туристи и има огромни гужви, сè функционираше беспрекорно организирано, мирно и безбедно.
Никаде не почувствувавме хаос или непријатност, што дополнително придонесе да уживаме во секој ден од одморот.
