Давор Панчевски: „Уживав во кафе од 60 денари, кроасан од 90 и магијата на јужна Италија“

„Италијанските бабички кои седат пред своите куќи на тесните магични улички и 19-годишните момци и девојки кои ги знаат традиционалните рецепти уште еднаш ми докажаа дека Италија е вистински рај“, вели Давор Панчевски.

davor-panchevski-uzhivav-vo-kafe-od-60-denari-kroasan-od-90-i-magijata-na-juzhna-italija-01.jpg

Давор Панчевски по професија е дипломиран маркетер, а готвењето му е хоби и ужива максимално во него секој слободен миг.

Досега има гостувано во повеќе од 50 емисии, кои се емитувале во живо на нашите национални телевизии, има 52.000 фанови на Фејсбук и 13.500 фанови на Инстаграм, остварени неколку успешни соработки со реномирани компании, како од државата така и од странство. Сигурно и вие сте слушнале за „Dave's kitchen“.

Тој е автор, издавач, уредник и фотограф на неговиот прв готвач „Гответе насмеани“, кој доживеа огромен успех, па ќе има и второ издание.

Давор исто така е вљубеник и во патувањата, а досега ги посетил: Италија, Шпанија, Тунис, Турција, Австрија, Унгарија, но Италија дефинитивно е земјата која го има комплетно освоено неговото срце.

Поразговаравме со Давор за неговото неодамнешно патување во Италија, како и за италијанската кујна.

Како изгледаше твоето патување во Италија?

Најпрво го посетив Рим , а потоа ја посетив речиси половина Пуља т.е. Алберобело, Фасано, Селва ди Фасано, Монополи, Полињано а Маре и Бари. Кога патувам преферирам да посетам мали, некомерцијализирани места како овие.

Интересно е тоа што јужна Италија е посиромашна од северна и нема некакви „скапи“ атракции, кои треба да се посетат, туку само она што го дарила природата. Животот е сосема различен бидејќи на југот луѓето повеќе го живеат животот не гледајќи на материјалните работи.

Цените се прилично ниски и речиси слични како кај нас. Едно кафе е 60 денари, еден кроасан со различни богати и квалитетни филови (чоколаден крем со лешник, крем од `фстаци, рафаело крем) е максимум 90 денари, една пица во зависност на типот е од 5 до 9 евра.

Го живеат животот со голема љубов и страст и уживаат во секој ден како да им  е последен. 

https://www.instagram.com/p/BpdzP6bnEie/?taken-by=daveskitchenofficial

Знаеме дека си вљубеник во храна и имаш магични раце, па направи споредба на македонската и италијанската кујна...

Најпрво, благодарам за комплиментот. Секоја национална кујна е убава и треба да се почитува и негува од генерација на генерација. Нашата кујна можам да кажам дека е меѓу највкусните во светот, бидејќи изобилува со природни состојки, кои секој може сам да ги одгледа, и истите не се тешки да се пронајдат на зелените пазари или во маркетите.

Она што можеби е голема негативност е тоа што одредени традиционални македонски рецепти одземаат повеќе време за подготовка, но сепак вредат за целото време поминато во кујна.

Италијанската кујна е рај! Не можам сè уште да се убедам со кој интензитет, внимание и посветеност Италијанците ја негуваат нивната традиција, кога станува збор за традиционалните рецепти. Особено ми се допаѓа фактот што младите генерации се интересираат за традиционалната кујна и сакаат да го задржат она кое што им го оставиле нивните баби или прабаби.

Ме воодушеви фактот што луѓе на возраст од 19 години, па нагоре знаат се за храната од регионот од кој потекнуваат. За нив не е само важен начинот на кој рецептот е подготвен, туку и начинот на кој се консумира. Сепак, секоја земја си има свое поднебје под кое треба да се исхранува со јадења подготвени од култури кои најдобро успеваат на тие простори.

davor-panchevski-uzhivav-vo-kafe-od-60-denari-kroasan-od-90-i-magijata-na-juzhna-italija-07.jpg

Го посети Алберобело - мало магично италијанско село со бели куќички... Дали фотографиите навистина ја доловуваат неговата убавина?

Немам зборови со кои можам да го опишам чувството кое се појавува додека го посетувате Алберобело. Фотографиите ја доловуваат неговата убавина, но окото ја доловува уште повеќе.

Ова е една дестинација која топло ја препорачувам на сите оние кои сакаат да истражуваат нови места и се љубители на Италија. Додека поминувате низ белите куќички се чувствувате како да глумите во некој холивудски филм со наместена сцена и само се чека да ја одиграте вашата улога.

Тука ќе ги сретнете италијанските бабички кои седат пред нивните куќички уживајќи во денот пред нив, многу продавници за локални сувенири, а додека се губите низ тесните улички ве маѓепсува прекрасниот мирис на тукушто печени печива за појадок. Тука имав можност да пробам тарт со кремав фил од ванила и круша.

Секојпат кога ќе пробам нешто ново сè повеќе се уверувам во фактот дека Италијаните ја имаат најдобрата кујна во светот и заслужено ја носат таа титула.

davor-panchevski-uzhivav-vo-kafe-od-60-denari-kroasan-od-90-i-magijata-na-juzhna-italija-03.jpg

Ниту еден друг град на светот не е убав како Рим затоа што...

- Изобилува со голема историска архитектура, која ја препорачувам секој да ја разгледа детално кога ќе има можност;

- Луѓето ве пречекуваат со топлина, со насмевка и со голем шарм;

- Ќе го најдете најдобриот сладолед кој некогаш сте го пробале, најдобрата паста и други традиционални рецепти кои се подготвени не само во префинетите ресторани, туку и во малите продавнички кои ги има на секоја уличка;

davor-panchevski-uzhivav-vo-kafe-od-60-denari-kroasan-od-90-i-magijata-na-juzhna-italija-05.jpg

Која земја во светот сметаш дека има најдобра кујна?

Според мојот вкус италијанската, а зад неа е француската.

davor-panchevski-uzhivav-vo-kafe-od-60-denari-kroasan-od-90-i-magijata-na-juzhna-italija-02.jpg

Оброк што никогаш нема да го заборавиш...

Вкусните кифлички на баба, мусаката и сите традиционални манџи на мама, и бидејќи беше најсвежо искуство - тартот со кремав фил од круша од Алберобело за кој ветувам дека ќе експериментирам сè додека не дојдам до рецептот и ќе го објавам на социјалните медиуми.

Оброк што си го приготвил, а на кој си најмногу горд...

Често сакам да експериментирам во кујната со различни и нови состојки. Особено сум  горд на чоколадните и кремави десерти и месените работи (печива во различен облик, за различни пригоди).

davor-panchevski-uzhivav-vo-kafe-od-60-denari-kroasan-od-90-i-magijata-na-juzhna-italija-04.jpg

Вкусови од Италија на кои не можеш да се наситиш...

Тирамису, но не традиционалното, туку она кое го подготвуваат во Пуља со мал шмек на црвено вино, Orecchiette con le cime di rapa – традиционална паста од истиот регион во форма на мали ушиња подготвени со вкусен сос од зелените листови од трупка, нивните превкусни сирења (особено моцарела, бурата и пекорино), фокачата е еден многу вкусен и едноставен рецепт кој потекнува од регионот Лигуриа во северна Италија и може да се подготви во неколку варијанти, но лично мој фаворит е онаа со шери домати, маслиново масло, оригано и маслинки; и секако пица – особено Сан Даниеле, Диавола, Леонардо и 4 сирења.

davor-panchevski-uzhivav-vo-kafe-od-60-denari-kroasan-od-90-i-magijata-na-juzhna-italija-06.jpg

Mакедонски специјалитети на кои им раскажуваш на луѓето каде и да отидеш...

Не само што им раскажувам туку понекогаш кога имам услови и им подготвувам. На пример на едно мое патување во Турција имав можност да подготвам тавче гравче, традиционална македонска погача и ајвар.

Во речиси секоја држава каде што имам пријатели често носам ајвар и секогаш коментарите се позитивни. Треба да бидеме горди на нашите традиционални рецепти бидејќи се лесно адаптивни и за луѓе од други поднебја.

Рецепт за италијански специјалитет приготвен на македонски начин...

Лесно можеме да ја адаптираме италијанската фокача на нашите простори, тоа е всушност печен рамен леб со различни филови (рузмарин и кромид, домати, лукче и маслиново масло, маслинки и зачини ... )

Еве еден одличен рецепт сличен на Италијанската Pasta al forno , но подготвена на македонски начин кој често се подготвува во Македонија.

Потребни состојки:

  • 400 гр. јуфки
  • 4 јајца
  • 300 гр. македонско бело сирење
  • 1 л. минерална вода
  • 150 мл. масло за јадење
  • Малку сол и мелен црн пипер по вкус
  • 3 лажици кисело млеко

Најпрво тавата за печење премачкајте ја со масло за јадење, а потоа наредете ги јуфките низ тавата. Во сад на страна изматете ги јајцата, минералната вода и маслото за јадење. Додадете го и киселото млеко и добро промешајте. Зачинете со сол и мелен црн пипер и повторно промешајте.

Во смесата додадете го македонското бело сирење и добро промешајте го целиот фил. Прелијте врз јуфките во тавата и бидете сигурни дека филот ќе ги прекрие сите јуфки. Печете околу 40-50 минути во загреана рерна на 180 степени.

Добар апетит и забавно готвење!

Италија низ објективот на Давор:

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Јордан Колевски го замени Скопје за Торонто: „Животот овде е прекрасен, луѓето се топли и љубезни, р... „Овде секој ќе те поздрави иако не те познава, луѓето се топли и насмеани. Ми се...
Милош Боев: „Работев во Етиопија 8 месеци како градежен инженер – сакав да се вратам назад со првиот... „Кога пристигнав во кампот, од сите страни беше затворено со бетонска ограда вис...
Драган од Скопје за животот на Флорида: „Луѓето во Тампа се прељубезни, полицаец ми ја подари својат... „Луѓето на Флорида знаат да почнат разговор со вас иако не ве познаваат, да ве п...
Антонио Димоски живее на Бали: „Луѓето се многу фини и добри, но сообраќајот е хаос“ Антонио Димоски од Охрид е фриленсер во областа на човечки ресурси и дигитален м...
Вирџинија Ристеска за патувањето во Ерменија: „Храната е поевтина од кај нас, автобуска карта чини 1... „Ереван е мал и нема некои атракции како големите европски градови како Париз и ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg