Маја Бошкоска: „Тренирам со 20 kg тежок ранец и кампувам на -20°C пред сериозна планинарска тура“

„Дозволата за искачување на Аконкагва е 630 евра, експедициски чевли чинат 500 евра, а од тешки експедиции се имам враќано и 5 килограми послаба, но планинарењето е најдобрата храна за душата“, вели младата скопјанка Маја Бошкоска.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-01.jpg

Таа е посветена, упорна и истрајна… Таа е жена која со храброст го прифаќа секој предизвик и не се откажува сè додека не го реализира истиот.

Уште во 2011 година го освои покривот на Алпите - врвот Мон Блан во висина од 4.810 мнв.

Беше иницијатор и лидер на „Првата македонска женска хималајска експедиција - Мера Пик 6.476 мнв во 2016 година, со што несомнено се испиша едно сосема ново поглавје во историјата на македонските планинарски достигнувања.

Таа е третата Македонка која успешно се искачи на највисокиот врв во Аргентина, во Америка и највисок врв надвор од Азија - врвот Аконкагва 6.962 мнв., во 2018 година.

Оваа година беше дел од експедицијата организирана од страна на Планинарскиот клуб Македон, која во периодот од 26 Април - 06 Мај, направи обид за искачување на највисокиот врв во Европа – Елбрус 5.642 мнв.

Toa e инспиративната наша планинарка - Маја Бошкоска.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-08.jpg

Во интервју за CRNOBELO.com таа говори за нејзината љубов кон планинарењето и најнезаборавните авантури.

Како започна со планинарење? Колку планините те променија?

Знаете, планината и јас Маја. Тоа беше љубов на прв поглед. Љубов од која наместо пеперутки во стомак, Ви се полнат градите со свеж кислород, ви се избиструва умот, ви се отвораат нови видици и едноставно почнувате светот да го гледате во други бои. Оттогаш веќе ништо не беше исто.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-02.jpg

А, се започна сосем случајно. Без никакви очекувања се зачленив во планинарскиот клуб Кораб со идеја за рекреативно планинарење. Но, по првата официјална тура на Солунска Глава, постепено станав зависник од планината и природата како и од чувството кога после секоја искачена планина се враќав во некоја подобра верзија од себеси, со ново поместување на границите на својот физички и психички лимит. Планината ми отвори нов, поширок поглед кон светот, а ме научи и да ги ценам и гледам со други очи малите секојдневни нешта.

За мене планинарењето не е само спорт, тоа е многу повеќе, тоа е стил, начин на живот. Оваа година правам една деценија планинарски стаж. Без него како составен дел од мојот живот сигурно во моментов ќе разговаравте со некоја друга Маја. Планините ме научија на поголема одговорност, дисциплина, храброст, самодоверба, како да не се откажувам и да го дадам својот максимум кога ми е најтешко, да наоѓам начини да ги остварам своите животни цели, максимално да вложувам во себе, да сонувам.

Зошто луѓето се „навлекуваат“ на планинарење?

Веројатно бидејќи е многу поделотворно и од „диазепам“, толку е потребно, па дури и неопходно во ова стресно и динамично темпо на живот кое прави да се чувствуваме уморно-како разместена рубикова коцка.

Верувајте, само на планина, во природа некако сè си доаѓа на свое место. Сите бои на коцката, сите мисли во главата си го наоѓаат вистинското место.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-12.JPG

Најлошата ситуација што ти се случила на планина…

Паѓање со експедициски чевли во глечерска река на околу 3.000 мнв; налетување на пожар и поради тоа принудно преспивање на планина во месец декември, без каква било опрема за спиење; три дена без јадење и спиење на висина на околу 5.000 мнв и многу други, ама знаете мајка ми ќе чита.

Но, дефинитивно најлошата ситуација е кога другарка пред мои очи се излизга, притоа паѓајќи од голема висина и застанувајќи на раб од бездна.

Колку планинарењето е скапа „забава“, особено кога се оди на далечни дестинации?

Дефинитивно е далеку од евтина „забава“! Едно ноќевање во планинарските домови на Алпите чини од 20 до 120 евра, авионските билети во зависност од дестинацијата се движат од 500 до 1.000 евра, дозволата за искачување на Аконкагва е околу 700 долари… Тука е и експедициската опрема која е навистина скапа инвестиција, на пример експедициски чевли и вреќа за спиење чинат околу 1.000 евра.

Морам да кажам дека постојат навистина добри луѓе и вистински пријатели, мои, на планината и на нашата држава кои било како поединци или како фирми секогаш ми помагале да го изодам овој најтежок дел од патот и да дојдам до неопходната сума.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-13.jpeg

Најубавата приказна на која си посведочила на планина или си била дел од неа…

Засега најубави приказни ми се моите роденденски забави на Корапски водопад и Долна Лешница на Шар Планина - огномет, жижици, логорски оган, касато торта направена на самото место и замрзната во природен фрижидер (река), танцување и многу дружба со вистински пријатели.

Еден ден, следна убава приказна ќе биде мојата планинарска свадбена забава за која веќе имам пикирано врвче.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-03.jpg

Кога си на планина мислиш на…

Планинарењето е спорт кој ми дава доволно време да се забавувам со сопствените мисли и да воспоставам допир со детето во мене. Размислувам, планирам, донесувам одлуки на многу теми.

Експедициските Sammit days пак се најчесто оние денови кога проживувам цел еден живот само во еден ден. Тогаш низ главата ми поминува целиот живот во кратки црти, пропратен со микс на емоции.

Но сепак, после подолги експедиции кога се враќам по околу 5 килограми ослабена прво за што размислувам е што вкусно ќе јадам кога ќе се вратам во цивилизација.

Какво е чувството кога почнуваш да се искачуваш на некоја планина?

Како полека да излегувам од некоја мала кутија (цивилизација) и кога ќе стигнам на врвот, како некој да ми го кренал капакот и кога ќе погледнам одозгора, вистински ја доживувам минливоста на нештата и безначајноста на она што таму долу ми се чини пресудно.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-04.jpg

Што си понесуваш како спомен од планинарските тури?

Езеро, облаче, остатоци од снег, камче - често забележувам форми на срце. Па, од секоја планина си понесувам камче во форма на срце. Секое си има своја приказна - само кога би можело да зборува.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-05.jpg

Што е планината за тебе, како изгледа планината гледана со твои очи?

Кога бев мало девојче често мечтаев како сум принцеза и секое утро шетам низ пространи цветни градини. Навраќајќи се на тие соништа од детството слободно можам да кажам дека ми се исполнија. Сега планините се мојата бесконечна, дива градина во која понекогаш и навистина знам да се чувствувам како „принцеза“.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-06.jpg

Елбурс ќе го паметам…

Со своите екстремно ниски температури, силниот ветер и маглата, ми го потврди она златно правило, дека планината е секогаш таму и дека неискачениот врв, „неуспехот“, не значи пораз, туку само огромно искуство кое е поголема инспирација да се обидеме повторно. Носењето на вистинска одлука, односно да запреш и да се вратиш назад, наспроти големата желба да се качи врвот, е дефинитивно поголем успех и од самото искачување на врвот.

Едноставно, не е сè во крајната дестинација, има многу нешта и во самото патување за да стигнеме дотаму. Проблемите и предизвиците со кои се соочуваме, лекциите кои ги учиме, инспиративните луѓе што ги запознаваме – сето тоа има многу поголемо влијание на нас отколку кој било врв којшто сме го качиле.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-09.jpg

Опремата ти се сочинува од…

Кога станува збор за посериозна експедиција на надморска висина над 5.000 метри: трекинг и експедициски чевли, волнени чорапи, прв слој волнени хеланки и блуза, softshell, hardshell и перјани јакна и панталони, дерези, телеоскопски стапчиња, цепин, појас, кацига, изомат - подметач, вреќа за спиење за -40, зимски шатор, 30 и 70 литарски ранец, примус, термос, скијачки очила… Челна лампа, капа, ракавици, прва помош, астрофолија и од поново време hаnd wаrmers се оној дел од опремата која никогаш не ја вадам од ранец.

А, да ќе ги заборавев тампоните за уши. Без нив не тргам! Не е баш убаво кога ќе останете ненаспани поради туѓи симфонии.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-10.jpg

Во Македонија секогаш со задоволство се искачувам на…

Водно. Навистина е привилегија да имаш планина на 15 минути од дома, одлична за тренинг и полнење батерии пред или после работа, за уживање во Скопје од повисоко со малку повеќе чист воздух.

Како реагираат твоите најблиски на оваа твоја страст, дали се загрижени кога заминуваш на тура?

Секогаш е полесно кога околу себе имате група блиски луѓе што веруваат во вас, ве разбираат, охрабруваат и поддржуваат во секој чекор од патот. Па, затоа важен сегмент од секоја експедиција ми е и безрезервната поддршка која ја имам од пријателите и фамилијата, а особено од мајка ми.

Неа ја сметам за најголем херој - минувајќи многу непроспиени ноќи кога нема никаков контакт со мене и искачувајќи ги врвовите во своите мисли секој ден и секоја вечер додека траат експедициите. Посебно не можам да замислам која доза на загриженост постоела додека бев на Аконкагва, а во истиот момент целата земја беше потресена од планинарската трагедија која се случи на Кајмакчалан.

Како ти изгледаат подготовките пред некој сериозен подвиг?

Ништо не се остварува преку ноќ, па и подготовките за еден сериозен подвиг не траат само непосредно пред истиот. Тие се долготраен проект на кој треба напорно да се работи со максимална посветеност. Трчање, планинарење со 20 kg тежок ранец, зимски кампови на -20, откажување од многу ноќни дружби со пријателите, редовен сон… се дел од подготовките.

Но, освен тоа да бидеш во добра физичка форма успешното искачување на секој врв, многу повеќе зависи од психичката стабилност (менталното и емотивното здравје). Затоа, телото и умот треба да соработуваат како тим.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-07.jpg

Колку планинарењето стана тренд во Македонија?

Толку многу, до степен на помодарство, но едно убаво, здраво помодарство, кое се надевам дека уште долго ќе трае и нема да излезе од мода. Но, ова ќе го искористам за да ги повикам сите, никогаш да не заборавиме да ги почитуваме правилата на планината, насоките од поискусните во групата, да не заборавиме дека одговорноста на планина е пред сè наша лична, а личното невнимание и неодговорност може да ја загрози безбедноста на целата група.

Никогаш не смееме да ја потцениме моќта на природата и планината и само со сериозен пристап кон планинарењето и почитувањето на основните планинарски правила, планината ќе остане нашиот најдобар пријател, а спомените кои ќе ги понесеме ќе бидат само убави и среќни.

maja-boshkoska-dozvolata-za-iskachuvanje-na-akonkagva-e-630-evra-planinarenjeto-e-skap-sport-11.jpg

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Сања Мишковски за одморот на Тасос: „Бевме сместени во Скала Потамиа, островот има рајски плажи, а д... „Патувањето до Тасос воопшто не е напорно. Од Скопје се патува околу 5 часа со а...
Владимир од Скопје патува низ светот: „Скокав од авион во Дубаи, најевтино е во Јордан, а најскапо в... За CRNOBELO.com, Владимир од Скопје вели дека најдобра храна вкусил во Мексико, ...
Даница Стојановска за искачувањето на Олимп: „Се пешачи 12 часа и еден погрешен чекор може да биде ф... „Олимп е планина во којашто се заљубив од првпат кога ја посетив во 2014 година ...
Анџело Павловски за патувањето во Јапонија: „Младите обожаваат караоке, дневна карта за метро во Ток... „Секој Јапонец, без разлика на тоа од каде сте и како изгледате, се однесува со ...
Ирена Силјаноска за патувањето од соништата во Мароко: „Ме чинеше 1.800 евра, го доживеав најубавото... „Во Црвената пустина, во областа Ерг Чеби доживеав прекрасно зајдисонце и изгреј...
Стефан и Милан за патувањето на Исланд: „Пржевме колбаси на -10°C под Аурора Бореалис“ „Се возевме со кампер низ Исланд. Ова е релативно скапа дестинација, но со добро...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg