Сања Спиридоновска живее во Јапонија: „Не смее да се зборува гласно во воз, во училиштата не се дозволени чевли“

„Тоалетите во сите домови имаат загреана тоалетна школка, а просечна големина на стан е 30-50 m2. Јапонците при настинка носат маски од почит кон другите и се неверојатно дисциплинирани во сите аспекти во животот. Кафе во кафуле чини околу 250 денари“, открива Сања Спиридоновска.

sanja-spiridonovska-zhivee-vo-japonija-ne-smee-da-se-zboruva-glasno-vo-voz-vo-uchilishtata-ne-se-dozvoleni-chevli-01.jpg

Сања Спиридоновска (30) од Скопје има живеено низ повеќе земји во светот, меѓу кои и островите Маурициус и Туркс и Кајкос, а веќе извесен период живее во Јапонија.

Нејзиниот сопруг моментално работи како ИТ Асистент Менаџер во познатиот американски тематски парк „Универзал Студио“. Во 2019 Април додека живееле во Туркс и Кајкос тој добил понуда за да работи како ИТ Асистент Менаџер во Јапонија.

Таа отсекогаш ја сакала Јапонија, и им било во план еден ден да ја посетат, па понудата за да живеат таму воопшто не се двоумеле да ја прифатат.

Се преселиле таму во август 2019 година. Таа не оди на работа, бидејќи нивната 2-годишна ќерка сè уште не посетува редовна настава во градинка. Во моментов оди само на неколку часови 2 пати во неделата.

Пред неколку седмици Сања открива дека започнала свој Јутјуб канал каде постира видеа секоја седмица за нивниот живот во Јапонија, па тоа во моментов ѝ е главна окупација. Доколку сакате да ја следите, Јутјуб каналот се вика Expat Mama Bird.

За CRNOBELO.com Сања ги пренесува своите искуства од животот во Јапонија:

Првиот впечаток по пристигнувањето во Јапонија…

Првиот ден кога пристигнавме бев зачудена од тоа колку се луѓето љубезни. Немам сретнато пољубезни луѓе, на аеродромот при пристигнувањето беше малку повеќе хаотично од што очекував.

Многу малку луѓе зборуваа англиски, и беше малку тешко да се снајдеме. Но секаде сите се поклонуваа, не можев да сфатам зошто се поклонуваат, но после тоа разбравме дека така искажуваат почит кон други луѓе.

sanja-spiridonovska-zhivee-vo-japonija-ne-smee-da-se-zboruva-glasno-vo-voz-vo-uchilishtata-ne-se-dozvoleni-chevli-04.JPG

Дали навистина Јапонија е друг универзум?

Ох, дефинитивно, мојот сопруг секогаш вика дека Јапонија е посебен свет, од многу различни аспекти.

sanja-spiridonovska-zhivee-vo-japonija-ne-smee-da-se-zboruva-glasno-vo-voz-vo-uchilishtata-ne-se-dozvoleni-chevli-14.JPG

Колку модерната технологија е насекаде? Интересни јапонски изуми што си ги видела во ресторани, тоалети, домови…

За некои работи Јапонија е 100 години понапред од сите држави во светот, но за некои работи тие се сè уште 100 години назад.

Овде има хотели и ресторани во кои работат роботи, но истовремено имаат установи каде сè уште се праќаат писма помеѓу вработените, наместо електронски мејлови.

Од интересни јапонски изуми што сум ги видела ќе напоменам неколку:

Сигурно сте слушнале за јапонските тоалети каде што седиштето се загрева и е постојано топло, сите домови ги имаат овие тоалети, дури и ако застанеш во јавен тоалет среде автопат сигурно би имал топол тоалет.

Овој изум е првпат воведен во домовите во 1980 година. За мене ова е најпаметниот изум, мислам дека сите држави со ладни зими треба да имаат вакво нешто. Температурите во Јапонија во зима на некои места можат да достигнат и до-30, па имајќи ваков тоалет дома е од голема корист.

Исто така, во јавните тоалети насекаде во Јапонија имаат седишта за деца до 3 години, каде детето може да седи со тебе внатре додека го користиш тоалетот. Ова е и во женскиот и во машкиот дел.

Машките тоалети имаат и штица за преслекување на мали деца, што е премногу корисно за татковците и според мојот сопруг тоа го нема видено никаде во светот.

sanja-spiridonovska-zhivee-vo-japonija-ne-smee-da-se-zboruva-glasno-vo-voz-vo-uchilishtata-ne-se-dozvoleni-chevli-08.jpg

Во какви домови живеат Јапонците?

Јапонците живеат во претежно мали домови, 70 проценти од Јапонија е шуми и планини, затоа и Јапонците имаат многу мал избор кога се работи за станбеното прашање.

Просечна големина на стан во Осака е приближно 30-50 квадратни метри, но сè зависи во кој дел од градот се наоѓа, обично зградите што се во самиот центар на градовите се многу помали во квадратура за разлика од тие во периферијата.

Голем дел од Јапонците, не спијат на стандарден кревет, тие спијат на футони. Тоа се еден вид на душеци што се многу потенки од стандардните душеци што ги имаме дома на нашите кревети.

Овие душеци може да се здиплат и да се чуваат во плакар, и преку ден истата соба во која се спие може да се користи за дневен престој.

sanja-spiridonovska-zhivee-vo-japonija-ne-smee-da-se-zboruva-glasno-vo-voz-vo-uchilishtata-ne-se-dozvoleni-chevli-12.jpg

Колку е скап животот во Јапонија?

Животот во Јапонија е прилично скап. Да се изнајми еднособен стан во околината каде што живееме би чинело приближно 1.000-1.300 евра.

Едно кафе во кафуле чини околу 250 денари. Вечера за двајца во ресторан може да чини од 50 – 300 евра, сè зависи од ресторанот. Карта за воз од нашиот град до Осака со нормален воз би чинела 200 денари во еден правец, ние живееме во градот Ашија, во околината на Хиого кој е 30 минути со воз оддалечен од Осака.

Карта со Шинкансен (најбрзиот воз во светот) од Осака до Токио би чинела околу 120 евра во еден правец. Еден литар гориво е околу 70 денари.

Дали навистина Јапонците се толку дисциплинирани?

Охх многу! Многу се дисциплинирани. Би можела книга да напишам за ова.

Овде децата со наставниците заедно во училиштата ги чистат училниците, спортистите ги чистат своите игралишта и спортската опрема.

Кога се шеташ низ парк, или на улица нема скоро ниедна канта за отпад, но истовремено нема никаков отпад доле. Сите си го носиме отпадот со нас, и го фрламе дома во нашите канти.

Во воз не е дозволено зборување на телефон, викање или слушање на видео/аудио на телефон без слушалки – доколку се слуша на слушалки тоа мора да биде многу тивко, не е дозволено јадење, пиење итн.

Во училиштата, детски клиники, домови, па и дури во некои канцеларии чевли внатре не се дозволени. Децата се учат на ова уште од многу мали. Најмногу ме зачуди кога ја однесов ќерка ми на педијатар и во едниот дел на клиниката моравме да ги соблечеме чевлите.

sanja-spiridonovska-zhivee-vo-japonija-ne-smee-da-se-zboruva-glasno-vo-voz-vo-uchilishtata-ne-se-dozvoleni-chevli-07.jpg

Овде луѓето доколку се настинати носат маски, кога моите родители дојдоа на одмор тука во октомври 2019 година ме прашаа зошто некои луѓе во возовите или во трговските центри носат маски? Кога прашав една од моите пријателки тука, ми кажа дека доколку се настинати или болни тие од почит кон другите носат маски за да не ја префрлат настинката. Гледајќи сега во ова време од оваа перспектива воопшто не сум зачудена зашто Јапонците се справија многу подобро со пандемијата за разлика од другите држави.

Кога се шета домашен миленик на улица мора да се собере изметот и да се однесе дома, доколку миленикот уринира на тротоар или на бандера, мора да се полие со вода врз тоа, доколку не се полие со вода се смета за многу некултурно.

Уште една работа ќе споменам што ја научив од нивната дисциплина е тоа колку се посветени на вежбањето и на нивното тело и здравје. Секое утро има фамилии со деца заедно во 6 часот што трчаат надвор, секој ден пензионерите се собираат во паркот заедно и вежбаат, играат тенис, бадминтон или ги чистат локалните паркови, тие луѓе се многу активни, возат велосипеди, планинарат итн.

Многу научив од нив, еден ден запознав човек во детскиот парк кој беше околу 85 години, тој го шеташе неговото куче и ни кажа дека секој ден наутро во 07:00 часот планинари скоро 2 часа со неговото куче за тоа да ја добие потребната активност во денот.

Ова само по себе кажува колку се тие дисциплинирани и колку се грижат за нивното здравје и здравјето на животните.

sanja-spiridonovska-zhivee-vo-japonija-ne-smee-da-se-zboruva-glasno-vo-voz-vo-uchilishtata-ne-se-dozvoleni-chevli-02.JPG

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Марија Стамболиќ за патувањето во Јапонија: „Мажи во костуми на полноќ играат Покемон и пијат виски ... „Во Јапонија не беше културно да се зборува во метро и исто така телефоните мора...
Антонио Димоски живее на Бали: „Луѓето се многу фини и добри, но сообраќајот е хаос“ Антонио Димоски од Охрид е фриленсер во областа на човечки ресурси и дигитален м...
Стефан Маневски живее во Стразбур: „Велосипед е основно превозно средство, рестораните работат само ... „Живеењето во Стразбур веројатно не може да се замисли без велосипед како основн...
Анџело Павловски за патувањето во Јапонија: „Младите обожаваат караоке, дневна карта за метро во Ток... „Секој Јапонец, без разлика на тоа од каде сте и како изгледате, се однесува со ...
Бојана од Скопје живее во САД: „Флорида не беше мојот прв избор за живот, но љубовта ме задржа тука“ „Флорида не беше мојот прв избор, но љубовта си го прави своето и останав овде з...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg