Најдобрата македонска скијачка на сите времиња – Јана Атанасовска (16): „Повеќе време поминувам на планина отколку дома“

„Многу луѓе го гледаат скијањето како уживање во Австрија, земјата од соништата. Всушност не знаат како изгледа еден нејзин ден, колку рано станува, тренира на секакви услови, на температури до -20 степени, каде што нема никој друг, ништо не работи на тие услови, потоа краток одмор до новиот тренинг или натпревар, во меѓувреме треба да учи,за школо, да внимава на начинот на исхрана, целосна посветеност на спортот, сите тие се жртви, што не секој ги гледа“ - вели Александар Атанасовски - Чаве, татко и тренер на Јана, во заедничко интервју за CRNOBELO.com. 

najdobrata-makedonska-skijachka-na-site-vreminja-jana-atanasovska-16-povekje-vreme-pominuvam-na-planina-otkolku-doma-01.jpg

Јана Aтанасовска е 16-годишна скијачка која од првото стапнување на скии на своја 3-годишна возраст ја открила љубовта и страста кон скијањето, која ѝ ја всадил нејзиниот татко, а воедно и тренер и претседател на алпски ски клуб АСК СКАДИ – Александар Атанасовски – Чаве.

Таа има освоено многу меѓународни детски купови и важи за најдобра во категоријата од 12 до 16 години, не само во Македонија, туку и во сите држави кои што важат за скијачки нации.

Од оваа сезона Јана ја започна својата професионална сениорска кариера во FIS – Меѓународната федерација за ски и сноуборд.

Поразговаравме со неа и со нејзиниот тренер и татко Александар – Чаве, за нејзината љубов кон овој спорт, за нејзините успеси и идни цели, а тие за CRNOBELO.com откриваат повеќе детали...

Од каде произлезе љубовта кон скијањето?

Јана: Првпат застанав на скии на моја 3-годишна возраст, но се разбира целта на тоа учење беше, како секое дете, да знае да скија, да оди на одмор со семејството, едноставно да се забавува.

Не знам дали беше љубов на прв поглед меѓутоа можам да кажам дека секој ден поминат на скијање беше сè поинтересен. Од денешен аспект можам само да потврдам дека се чувствувам како отсекогаш да сум го сакала скијањето.

Наредните години почнав да се приклучувам на некои тренинзи што ги имаше во Маврово и да тренирам на капии.

И така почна да се развива љубовта кон скијањето, почнав да го засакувам спортот, па на 5-годишна возраст ја имав и мојата прва трка.

Својот прв натпревар и воедно својот прв златен медал го освоив на натпреварот на Попова Шапка на меморијалот за Стеве Караѓуле. На оваа трка го освоив и пехарот за најмлад натпреварувач.

Тоа беше иницијалната каписла. Но сè уште не беше ништо професионално, беше само за забава, да пробам. И така некако брзо се случи сè, почнав прво да учествувам на македонските трки, па по една година почнав да се натпреварувам и меѓународно во Србија, Хрватска, сè до Словенија.

najdobrata-makedonska-skijachka-na-site-vreminja-jana-atanasovska-13.jpg

Дали учеше сама да скијаш?

Јана: Мојот тренер, е всушност мојот татко. Мојот почеток беше со него, и сè уште тренирам со него. Тој ме научи сè што знам, со него почнав да тренирам, да одам на натпревари.

najdobrata-makedonska-skijachka-na-site-vreminja-jana-atanasovska-06.jpg

Какво дете е Јана, какви беа нејзините почетоци?

Александар: Уште од старт беше евидентен нејзиниот отскок и талент. Скијањето во тоа време кај нас за жал не беше позиционирано на некое високо ниво.

Јас видов дека за неа нема воопшто конкуренција и после само неколку тренинзи беше евидентно дека отскокнува, дека е талентирана.

Дури и ден денес, кај неа е симптоматично доста што воопшто нема страв од висина, брзина, како да е оперирана од тоа. Ова беше еден главен предуслов.

Како карактер е дете на кое никогаш не му сметале надворешни влијанија, притисок, психолошки, физички. Јас потекнувам од семејство тренери, и уште од мала ја спремав, ама ја спремав само да биде здраво дете, не ја спремав за скијањето, но некако се споија коцките.

По само две трки во Македонија, веднаш отидовме во Србија, каде што во наредните две години беше официјален државен првак на Србија.

Учествуваше на сите државни првенства и на сите купови и регионални трки со нејзини 6 и 7 години, па на 7 и пол години првпат ја однесов во Словенија и од тогаш почнавме веќе низ цела Европа. Наредните 5, 6 години ги запоставивме македонските трки затоа што беа неконкурентни.

Јана со свои 6 и пол години почна да оди на глечери секое лето. Реализиравме по 4, 5 глечери годишно, се спремавме од мај до декември во Австрија, за после тоа да се натпреваруваме.

И така почна приказната. Учествуваше на сите купови во Хрватска, Словенија, Австрија, Италија, Франција, зборувам за детско скијање. Од оваа година стана сениор. Сега со своите 16 години влезе во сениорска категоризација.

najdobrata-makedonska-skijachka-na-site-vreminja-jana-atanasovska-27.jpg

Како одлучувате на кои трки ќе се натпреварува во текот на една сезона?

Александар: Тоа го одлучувам јас, правам програма на почетокот на годината која е подложна на измени во текот на сезоната.

Се обидувам натпреварите на кои ќе се оди да бидат распределени реонски, односно ако сме во одредена област во Италија да ги одбереме најквалитетните натпревари во тој регион, а потоа да продолжиме во друга област или друга држава.

Сето тоа е врзано со времето кое ни е на располагање односно да имаме што е можно повеќе трки и да искористиме што помалку време за патување, како и за финансиите на коишто за жал мораме многу да внимаваме.

Секогаш бирам натпревари кои се предизвик односно на кои има јака конкуренција бидејќи конкуренцијата е здрава работа, те предизвикува да работиш повеќе и да вложуваш повеќе.

Барам трки каде што можам да дознаам дека доаѓа исклучително силна конкуренција, затоа што така сум ја воспитал и ја учам дека од конкуренција не треба да се бега, туку треба да се соочи.

Лош резултат нема, има само резултат. Од лошиот можеш да научиш, а на добриот можеш да му се радуваш.

najdobrata-makedonska-skijachka-na-site-vreminja-jana-atanasovska-04.jpg

Што ти е најголема мотивација, што те возбудува?

Јана: Брзината, адреналинот, борбата со времето, борбата со патеката и борбата сама со себе. Сето тоа е нешто што те турка напред, секое утро, секој ден, секоја сезона.

Скијањето на една патека е нешто што не можеш да го контролираш, едноставно секоја стотинка се случува нешто различно, се приспособуваш на теренот и на капиите пред тебе, и го бркаш времето што побрзо да стигнеш до целта.

Но, најбитна работа е забавата, односно скијањето пред сè мора да ти биде забавно, мора да го сакаш со цело срце, мора да уживаш во него. Кога нешто се сака и кога уживаш во нешто - ништо не е тешко.

Не ми тешко да станам во 6 часот, а некогаш и во 5 часот наутро, да се спремам, да ја натоварам целата опрема, да помогнам да се постави стазата, и да се тренира или натпреварува некогаш и на екстремно ниски температури.

Од друга страна со свеж воздух и прекрасниот снег, многу е здраво, прекрасно е за телото сè додека скијате за забава.

najdobrata-makedonska-skijachka-na-site-vreminja-jana-atanasovska-10.jpg

Продолжува на следната страница... 



Би можело да ве интересира:

Александар Цветковски: „Со сопругата се боревме со неплодност, имавме и мртвороденче, но сега сме бл... „Јас правев буквално сè за да го преболиме мртвороденчето по второто ИВФ и сега ...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Бобан Алексов живее 6 години во Данска: „Заминав 'на слепо', работа најдов случајно на Фејсбук, живо... Боби Алексов (37) од Скопје, 6 години живее во Оденсе, Данска. За себе вели дека...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg