Денис Арслановски: „Раскошот и изобилието се одлика на ромските свадби, а на невестата никако не се штеди“

 „Mузиката е со особено значење на ромските свадби. Кога е музиката во прашање не се штеди! Се бараат најдобрите музичари и пејачи од регионот, па и Балканот. Токму затоа често може да се чуе дека ромските свадби се и највеселите свадби. Нема ромска свадба без чочек и вистинско уживање е глетката на весели луѓе кои се веселат во убав танц”, открива за CRNOBELO.com Денис Арслановски кој има оставено зад себе придонес кога се во прашање правата на ромската заедница во нашата држава.

denis-arslanovski-raskoshot-i-izobilieto-se-odlika-na-romskite-svadbi-a-na-nevestata-nikako-ne-se-shtedi-001.jpg

Секој народ испишува една мала приказна за себеси. Го плете везот на својата традиција, култура, идентитет и основните белези кој него го отсликуваат. А потоа ги претставува пред светот како најдрагоценото богатство.

Кога станува збор за приказните, пронајдов една навистина посебно драгоцена. Приказна која зборува за културните одлики на Ромите. Односно за обичаите на ромските свадби. За најзабавните свадби на светот, исполнети со многу музика, танц и љубов.

Со цел да дознаеме како изгледа една ромска свадба во Македонија, тука е Денис Арслановски (36), кој има оставено зад себе придонес кога се во прашање правата на ромската заедница во нашата држава.

Ја имате можноста да бидете дел од гостите на една ромска свадба. Уживајте во забавата.

denis-arslanovski-raskoshot-i-izobilieto-se-odlika-na-romskite-svadbi-a-na-nevestata-nikako-ne-se-shtedi-002.jpg

Во интервју за CRNOBELO.com Денис раскажува за најважните обичаи и за тоа како изгледа една ромска свадба во Македонија.

Знаеме дека ромските свадби се едни од најзабавните, но уште позабавни и уникатни ги прават свадбените обичаи. Па, дали можеш да ни раскажеш без кои обичаи не може да започне една ромска свадба?

Музиката e пред сè! Обичаите не се разликуваат многу од останатите балкански свадби. Но, музиката е со особено значење во ромските свадби.

Кога е музиката во прашање не се штеди. Се бараат најдобрите музичари и пејачи од регионот, па и Балканот. Токму затоа често може да се чуе дека ромските свадби се и највеселите свадби.

Нема ромска свадба без чочек (ориентален танц) и вистинско уживање е глетката на весели луѓе кои се веселат во убав танц. Можам да кажам дека музиката и танцувањето се специфичното нешто кај ромските свадби во однос на останатите етникуми во Македонија.

denis-arslanovski-raskosot-i-izobilieto-se-odlika-na-romskite-svadbi-a-na-nevestata-nikako-ne-se-stedi-mora-da-e-najubavata-03_copy_copy.jpg

Храната е доста специфичен момент особено на свадбите. Се прават голем број на специјалитети и декорации со цел да се воодушеват гостите. Па, без која традиционална храна не може да започне една ромска свадба?

Храната на ромска свадба ја има во изобилие. Покрај обилниот главен оброк, вообичаена глетка се овалите со разна скара, апетисани, салати, овошни купови и задолжителните ориентални десерти – баклави, тулумби, кадаиф, шеќерпаре.

Изобилието е одлика на ромските свадби, во секој аспект од свадбата.

Храната, музиката, облеката, бројот на гости – сè е обилно, раскошно и најсвечено. Најверојатно тоа е културно наследство од индиската култура, од каде Ромите и потекнуваат и тргнале да се движат по светот.

denis-arslanovski-raskosot-i-izobilieto-se-odlika-na-romskite-svadbi-a-na-nevestata-nikako-ne-se-stedi-mora-da-e-najubavata-04_copy.jpg

За секоја невеста нејзината свадба е денот кога таа треба да изгледа како принцеза. Денот од нејзините соништа. Дали би можел да ни доловиш како, и дали постојат одредени обичаи кои за време на свадбата треба да ги направат?

Веќе го спомнав раскошот. Бидејќи, свадбата некогаш трае и неколку денови, ромската невеста во секоја од тие пригоди носи различна свечена облека.

Мнозинството Роми во Македонија се муслимани, (бидејќи кога дошле пред многу векови на Балканот го прифатиле исламот како своја религија) и секако има обичаи кои се врзани со религиозните и отоманските традиции.

Специфична церемонија, која се одржува неколку денови пред свадбата е К’на геџе (турски) или К’на вечер (македонски) – каде најблиските жени на невестата ја подготвуваат за претстојната свадбата.

К’на геџе е подготовка и прослава во едно. Невестините дланки и стапала богато се украсуваат со к’на (природна боја), ритуално се дотерува невестата и при тоа се покажуваат сите свечени облеки, обувки и накит кои невестата ќе ги носи на сите свадбени денови.

Фустаните се многубројни, свечени и богато украсени, бидејќи за секоја церемонија има посебен фустан, обувки и накит, додека за главната церемонија невестата носи и по неколку фустани. Раскошот, изобилието се одлика на ромските свадби, а на невестата никако не се штеди, мора да е најубава.

denis-arslanovski-raskoshot-i-izobilieto-se-odlika-na-romskite-svadbi-a-na-nevestata-nikako-ne-se-shtedi-01.jpg

Сум слушнал дека гостите не ги даваат подароците кога доаѓаат на свадба, туку за тоа има посебен обичај. Па, раскажи ми нешто повеќе за овој доста интересен момент...

Порано имаше обичај подароците од најблиските роднини да се покажат пред сите гости, особено кај подобро ситуираните и беше свечен момент.

Но, сега со тек на време овој обичај се помалку се применува, знаете младите ги следат новите трендови и многу новини се воведуваат во прославите.

Дали ќе го разбиеш оној мит којшто кажува дека ромските свадби се прават дури три дена, и заради тоа се најзабавните. Колку дена трае ромската свадба?

Ромската свадба трае неколку денови, со различни церемонии. К’на геџе, бричење на зетот, земање на невестата, женска свадба, машка свадба… Обичаи има многу, исполнети со многу музика и радост – како и секоја свадба.

denis-arslanovski-raskosot-i-izobilieto-se-odlika-na-romskite-svadbi-a-na-nevestata-nikako-ne-se-stedi-mora-da-e-najubavata-06.jpg

На крајот, како човек кој цел свој живот се бори за рамноправност и еманципација на Ромите, која би била твојата порака во однос на меѓусебното почитување и различата култура и традиција?

Често се повторувам – дека соживотот се гради! Со взаедно дружење и почитување. Колку подобро заемно се запознаваме, толку повеќе ќе се разбираме, ќе ги увидиме сличностите и убавите разлики.

Можам да кажам дека во Македонија соживотот е на солидно ниво, иако во општеството сè уште се присутни многу силни негативни стереотипи и предрасуди. Токму за тоа и многу се израдував за темата на вашата статија – ќе им даде на вашите читатели можност подобро да ги запознаат Ромите и нивните обичаи околу свадбите. 

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Б. | Црнобелo / фото: depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

Елена од Кавадарци е мејкап артистка во САД: „Не планирав да се селам, тука заработката е поголема и... „Во САД најчесто само невестата, девериците и мајките најмуваат шминкер за свадб...
Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Сара Трајковска, ќерката на Борис Трајковски ексклузивно за CRNOBELO: „Омилените спомени со татко ми... „Често му бев верна придружба кога одеше на пазар, а кога патуваше, од секаде ми...
Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...
Емилија Масларковска-Каневче, туристички водич: „Не сум сретнала странец кој не е воодушевен од Маке... „Омилени ми се туристите од Азија. Љубопитни се и сакаат да ја дознаат нашата ис...
Французинката Олга 2 пати го посети Скопје: „Македонците се прекрасен народ“ „Ми се допадна културата, мешавина помеѓу оксидент и ориент, природата, византис...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg