Емилија Масларковска-Каневче, туристички водич: „Не сум сретнала странец кој не е воодушевен од Македонија, но и кој не е измамен од диви таксисти“

„Омилени ми се туристите од Азија. Љубопитни се и сакаат да ја дознаат нашата историја, знаат да го почитуваат водичот, но, пред сè, имаат почит кон Македонија. Има смешни ситуации со македонски туристи во странство. Се случува да заборават патна исправа, а на граница да инсистираат да поминат со картичката од здравствено осигурување“ – вели Емилија Масларковска-Каневче, туристички водич и придружник со над десетгодишно искуство, која е родена во Охрид, а сега живее и работи во Скопје.

emilija-maslarkovska-kanevche-turisticki-vodich-dosega-ne-sum-sretnala-stranec-koj-ne-e-voodusheven-od-makedonija-i-koj-ne-e-izmamen-od-divi-taksisiti-01.jpg

Емилија Масларковска-Каневче (46), родум од Охрид, а живее во Скопје, е лиценциран туристички водич и придружник со над десетгодишно искуство. Таа вели дека е заљубена во својата професија и дека подеднакво ужива кога има странски туристи на кои треба да им ги покаже сите македонски убавини и богатства, но и кога оди во странство со македонски патници.

Нејзината љубов кон туризмот почнува уште како дете во родниот Охрид, каде во семејниот бизнис учела сè што е потребно за да се пречекаат гостите.

За CRNOBELO.com, Емилија раскажува дека во нејзиното досегашно искуство не сретнала странец кој не е воодушевен од Македонија и убавините што ги има, и оние кои веќе ја посетиле нашата мала држава, повторно се враќаат. Иако има туристи од целиот свет, неа лично омилени ѝ се туристите и гостите од Азија, бидејќи имаат туристичка култура, традиција, кои се љубопитни и сакаат да ја дознаат нашата историја и секогаш го почитуваат водичот.

emilija-maslarkovska-kanevche-turisticki-vodich-dosega-ne-sum-sretnala-stranec-koj-ne-e-voodusheven-od-makedonija-i-koj-ne-e-izmamen-od-divi-taksisiti-12.jpg

Покрај покажувањето на сите убавини кои Македонија ги нуди, како и културното и историското богатство, Емилија секогаш се труди на своите туристи да им го презентира и вкусот на Македонија со ајвар, гравче тавче, сарма, охридска пастрмка и, секако, кафенце.

Таа вели дека странските гости се задоволни од македонското гостопримство и љубезност, но чести се поплаките од дивите таксисти кои им наплаќаат високи цени за кратки релации.

Емилија раскажува за интересни случки од патувањата, вели македонските патници често знаат да го заборават пасошот дома, а странските гости се како војници, секогаш навреме и со сите потребни документи.

Прочитајте го интервјуто со Емилија:

Колку години работиш како туристички водич и придружник?

Како лиценциран туристички водич и придружник работам повеќе од 10 години. Тоа беше мојата единствена и најголема желба за професија, а до ден-денес ја имам истата страст кон неа, иако љубовта кон туризмот и угостителството ми е всадена од најмладите години.

Имено, мојата фамилија (потекнувам од една од најстарите охридски фамилии) помеѓу првите имаше регистрирано туристичко-угостителски апартмани и сè уште се занимава со туризам, па оттаму, не ми беше непознато што сè спаѓа во струката и што сè се изучува.

Од поставување на маса за гостите на пансионските аранжмани, подготвување на апартманите, работа на рецепција, па сè до раскажување легенди, преданија и историјата на Охрид на странските туристи при прошетките во стариот дел од градот, кога како домаќинка ме покануваа да им го покажам и секогаш со неизмерна радост прифаќав.

emilija-maslarkovska-kanevche-turisticki-vodich-dosega-ne-sum-sretnala-stranec-koj-ne-e-voodusheven-od-makedonija-i-koj-ne-e-izmamen-od-divi-taksisiti-02.jpg

Што ти е поинтересно – да бидеш водич на странски тури во Македонија или да бидеш придружник на македонски туристи во странство?

И двете работни позиции се подеднакво интересни, бидејќи се различни по побарувања и обврски. Кај водењето на странските туристи секогаш се трудам да ја претставам Македонија во најдобро светло и да им ги доловам сите убавини кои ги имаме (а ги имаме и тоа многу).

Како придружник, на нашите туристи се обидувам да им ги пренесам сите информации за попатните места кои ги поминуваме до конечната дестинација, но и интересните факти и приказните за истите, како и комплетната историја на градовите, музеите и слично.

Како странците ја доживуваат Македонија?

Од лично искуство, можам да кажам дека досега не сум сретнала странец кој не е воодушевен од Македонија и убавините што ги има, без разлика која дестинација и реон ги посетува. Многу од нив веќе биле и се враќаат повторно или ветуваат дека повторно ќе ја посетат.

Единствено што имаат замерка, а и сосема со право, се коментарите за недостаток на јавни тоалети (проблем со кој и ние водичите се соочуваме многу често, бидејќи нема каде да ги насочиме туристите по пристигнување и директно започнување со разглед на градот, што е навистина необјасниво и несфатливо за нив).

emilija-maslarkovska-kanevche-turisticki-vodich-dosega-ne-sum-sretnala-stranec-koj-ne-e-voodusheven-od-makedonija-i-koj-ne-e-izmamen-od-divi-taksisiti-06.jpg

Од кои држави најчесто имаш тури?

Пред периодот на короната, тоа беа туристите од Кина, Јапонија, Сингапур, Германија, Израел, бившите југословенски простори… По завршување на тој период, беше потребно време за рестартирање на туризмот, па сега полека се враќа на старите добри патеки и повторно се враќаат и туристите.

Оваа година која изминува, најмногу разгледи одработив со ВИП делегации, ВИП разгледи за претставници на големи фирми и инвеститори, па би можела да кажам дека навистина членовите на тие разгледи беа од целиот свет.

Од останатите тури, најмногу туристи имав од бившите југословенски простори, Австрија, Америка, Англија, Белгија…

emilija-maslarkovska-kanevche-turisticki-vodich-dosega-ne-sum-sretnala-stranec-koj-ne-e-voodusheven-od-makedonija-i-koj-ne-e-izmamen-od-divi-taksisiti-03.jpg

Според тебе, од која држава се најдобрите туристи? Кои се твоите омилени?

Тешко прашање. Кога би морала да издвојам, сепак би кажала дека тоа се туристите од Азија. Имаат туристичка култура, традиција, љубопитни се и сакаат да ја дознаат нашата историја, знаат да го почитуваат водичот, но пред сè – имаат почит кон Македонија.

Од оние поблиски за нас по култура, би ги издвоила Босанците и Србите.

Како изгледа една тура низ Скопје: кои места ги носиш да ги посетат, која храна ја пробуваат?

Во зависност од побарувањата и времето кое го имаат на располагање, разгледот на Скопје го започнувам од Спомен куќата на Мајка Тереза, потоа Плоштадот Македонија, преку Камениот Мост, потоа Старата скопска чаршија или, пак, од Скопското Кале, Старата скопска чаршија, Плоштадот Македонија, па сè до Музејот на град Скопје.

За многумина кај нас е кич, но проектот Скопје 2014, барем лично за мене, е една добро осмислена целина преку која може да се презентира речиси целата наша историја и при временски пократки разгледи.

Секогаш се држам до традицијата и презентацијата на традиционалната македонска кујна, па неизбежно е да пробаат тавче гравче, ајвар, сарма, турлитава, ќебапи, охридска пастрмка или белвица (доколку сме во Охрид), макало, а завршуваме со домашно, македонско кафе (сето тоа во договор со нив и нивните желби и можности).

emilija-maslarkovska-kanevche-turisticki-vodich-dosega-ne-sum-sretnala-stranec-koj-ne-e-voodusheven-od-makedonija-i-koj-ne-e-izmamen-od-divi-taksisiti-13.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Јасмина Цветковска 9 години живее во Сиднеј: „Како инженер лесно најдов работа, но проблем се скапит... „Дипломите од природните науки, машинските струки, архитектура, електро-инженерс...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...
Дијана (30) од Тетово живее во Германија: „Сите пластични играчки на синот (2) ги заменив со дрвени,... Разговараме со Дијана (30) од Тетово, која живее во Германија со семејството, а ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg