Емра Куртишова: „Беше предизвик да се глуми мајката на Џеј, кога стигнав во Србија дознав дека сум бремена“

„Најлудиот и за мене незаборавен момент беше тоа што кога пристигнав во Србија дознав дека сум бремена. Бев пред огромна животна раскрсница. Разговарав со режисерот и решивме да почнам со снимање, па ако се искомплицира нешто, ќе бараат решение. Тој не сакаше промена на актерката“, вели за CRNOBELO.com Емра Куртишова, која ја глуми мајката на Џеј во филмот „Недеља“.

emra-kurishova-beshe-predizvik-da-se-glumi-majkata-na-djej-koga-stignav-vo-srbija-doznav-deka-sum-bremena-01.jpg

Неколку дена пред македонската премиера на филмот „Недеља“ (25.01) за животот на Џеј Рамадановски, актерката Емра Куртишова не крие дека има голема трема и невообичаен страв. Во филмот за легендарниот пејач со македонски корени, таа ја глуми улогата на неговата мајка.

Ова е прва улога на Емра во филм од српска продукција, но и прва поголема улога по онаа на Исаура во серијата „Преспав“ и улогите што ги игра во Театарот за деца и млади.

За CRNOBELO.com, Емра вели дека има измешани чувства пред премиерата, но и дека е презадоволна од тоа како се одвивало снимањето на филмот, особено што дознала дека е бремена токму кога стигнала во Србија, неколку дена пред почетокот на снимањето.

emra-kurishova-beshe-predizvik-da-se-glumi-majkata-na-djej-koga-stignav-vo-srbija-doznav-deka-sum-bremena-02.jpg

Уште еден голем предизвик за неа бил српскиот јазик, кој, признава, и не го зборува толку добро.

„Аудицијата за филмот беше во декември 2022 година, а со снимање почнавме следната година во март.

Интересно беше дека сосема неочекувано ми се јави продуцент од Србија, и некако многу брзо ги договоривме работите.

Се договоривме да снимам видео во кое требаше да се претставам, накратко да кажам што сум сработила дотогаш, дали сум вработена... и сето тоа на српски.

Веднаш му кажав дека со српскиот јазик сум ‘тапа’, дека едноставно не сум имала прилика да го зборувам, но ми објасни дека токму тоа била причината што бараат актери од Македонија.

Сакаа да ја доловат автентичноста, бидејќи потеклото на Џеј е токму од Македонија“, вели таа.

emra-kurishova-beshe-predizvik-da-se-glumi-majkata-na-djej-koga-stignav-vo-srbija-doznav-deka-sum-bremena-04.jpg

Го снимила видеото, им го испратила и за многу кратко време добила одговор дека токму таа ја добила улогата.

„За мене ова беше огромен предизвик, бидејќи Србија во однос на филмска индустрија е вистинска машинерија.

Не можев да се договорам со самата себе, чувствував радост затоа што можеби таму ќе се отворат и други врати, а истовремено чувствував и страв за тоа дали ќе се снајдам како некој што има малку искуство пред камера.

Но, имав доволно време да се подготвам психички и така тргнаа работите“, искрена е актерката.

emra-kurishova-beshe-predizvik-da-se-glumi-majkata-na-djej-koga-stignav-vo-srbija-doznav-deka-sum-bremena-03.jpg

А кога стигнала во Србија, пред почетокот на снимањето се нашла пред уште еден голем предизвик, бидејќи токму таму дознала дека е бремена и наскоро ќе стане мајка.

„Најлудиот и за мене незаборавен момент беше тоа што кога пристигнав во Србија дознав дека сум бремена. Бев пред огромна животна раскрсница.

Разговарав со режисерот, му објаснив што се случува и решивме да почнам со снимање, па ако, не дај Боже се искомплицира нешто, ќе бараат решение. Едноставно, не сакаше промена на актерката“, ни кажа таа.

emra-kurishova-beshe-predizvik-da-se-glumi-majkata-na-djej-koga-stignav-vo-srbija-doznav-deka-sum-bremena-05.jpg

Снимањето на филмот траело 5 месеци, а за сето тоа време, Емра имала одличен третман од целата екипа.

„Тие внимаваа буквално на сè. Што се однесува конкретно до снимањето, морам да признаам дека оваа соработка ми остави голем впечаток.

Начинот на комуникација, односот актер-режисер, односот со колегите актери кои се докажани и звучни во филмската индустрија беше одличен и, секако, за мене беше голем предизвик да бидам дел од целата таа приказна заедно со нив“, вели таа.

emra.jpg

Но, Емра не крие и дека била малку исплашена пред почетокот на снимањето, бидејќи никогаш претходно не глумела мајка.

„Конкретно за мојата улога, искрено ми беше малку страв како би се снашла, поради тоа што дотогаш не сум имала можност да играм улога на мајка.

Се работи за комплексен лик кој доживува доста турбулентни моменти низ животот, но истиот тој живот ја прави да биде она што е, цврста решителна и рационална, всушност таква била и вистинската мајка на Џеј.

На прва гледачите најверојатно ќе стекнат одбивност кон ликот, но понатаму дејството ја објаснува причината за таквиот однос и став на мајката.

Во глобала очекувам филмот да помине добро, а за моето сработено во филмот имам ужасен страв, имам и трема и не знам што да очекувам.

Но, секако, денот на премиерата се наближува, па ќе видиме...“, вели Емра.

emra-kurishova-beshe-predizvik-da-se-glumi-majkata-na-djej-koga-stignav-vo-srbija-doznav-deka-sum-bremena-06.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело / фото: приватна архива

Би можело да ве интересира:

Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Емра Куртишова: „Лена уште во стомакот реагираше на гласот на татко ѝ, а сега се топи кога тој ќе ѝ ... „Ликот на Исаура ми фали премногу. Навистина ми е жал што успеав да снимам само ...
Диџеј Мац: „На журки ми бараат песни од Ерзана и Врчак“ Крајот на 2023-та на музички план го одбележаа забавите со домашни хитови кои ди...
„Нема бенефит од доењето, постои само ризик од недоење“: Наташа Ц. Тодосовска, специјалист за доење ... „Сите слики од доење кои ги гледаме на социјалните медиуми се најчесто од мајка ...
Александар Ристоски, актер: „Љубовните сцени се најтешки за снимање, еднаш се добива можност да се г... „Серијата 'Црвениот поет' е снимена во 2016 и не беше емитувана 7 години, па јас...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg