Александар Стефанов, претседател на РФМ: „Ме мотивира кога гледам полни сали и цели фамилии кои среќни доаѓаат на натпреварите“

„Во нашата историја првпат се случи на еден женски национален натпревар да имаме полна сала и да имаме 60 минути скандирање, навивање, а тоа навистина им годеше на девојките и придонесе за тоа да се чувствуваат еднакво битни како мажите“ - вели новиот претседател на РФМ, Александар Стефанов за CRNOBELO.com. 

aleksandar-stefanov-pretsedatel-na-rfm-me-motivira-koga-gledam-polni-sali-i-celi-familii-koi-srekjni-doagjaat-na-natprevarite-02.jpg

Поранешниот ракометар, Александар Стефанов, во март годинава беше избран за нов претседател на Ракометната федерација на Македонија.

Кариерата ја почна во РК Радишани, со Металург го освои купот на Македонија, а со РК Пролет се натпреваруваше и на европската сцена. Кариерата ја заврши рано, во 2007 година во Вардар, поради тешка повреда на коленото, непосредно пред настапот на младинската репрезентација на Светското првенство.

И покрај тоа, никогаш не се откажа од ракометот. Па, иако во 2012 година, по положен правосуден испит ја основаше адвокатската канцеларија Стефанов, а потоа стана и член на Управниот одбор во Фабрика Карпош АД Скопје, во 2016 година го основа РК Бутел и стана негов претседател.

Работата во РФМ не му е непозната - во 2021 година стана најмлад член на Управниот одбор на федерацијата, а беше и македонски претставник во ЕХФ во 2022, кога нашата земја беше ко-организатор на Европското првенство за жени.

aleksandar-stefanov-pretsedatel-na-rfm-me-motivira-koga-gledam-polni-sali-i-celi-familii-koi-srekjni-doagjaat-na-natprevarite-09.jpg

За минатите искуства, но и за предизвиците кои ги носи раководната функција, Стефанов, раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:

Од ракометар, преку сопственик на ракометен клуб, до прв човек на РФМ… Дали отсекогаш имавте амбиција и желба да бидете дел од ракометното раководство кај нас или работите се наметнаа спонтано и следствено на вашата кариера?

Ако кажам дека пред 10 или 15 години се гледав на оваа функција – не. Немав таква амбиција. Но, имав амбиција да останам во ракометот по играчката кариера.

Затоа и се отвори приказната за РК Бутел и неговото формирање.

Потоа, следствено на работите, бев и дел од управниот одбор на претходното раководство на РФМ, па некако само по себе си дојде да се кандидирам за претседател на федерацијата.

Среќен и задоволен сум што е тоа така. Голема обврска е и одговорност, но тука сме за да одиме напред.

Околу 3 месеци сте на чело на федерацијата. Кој беше најголемиот предизвик со кој се соочивте откако седнавте на претседателското столче?

Во овие 3 месеци многу брзо се одвиваа работите и во однос на лигите во првенството и на интернационалните натпревари на репрезентациите и клубовите.

Немав многу време за адаптација, но како и до сега, најголем предизвик беше пласманот на машката сениорска репрезентација на претстојното Европско првенство, зашто во изминатите десетина години имаме еден континуитет на учество на сите глобални натпреварувања – тоа и сега беше императив број 1.

И успешно го поминавме, се пласиравме, па наредната година ни претстои Европското првенство, со надеж дека ќе имаме уште поголеми успеси со кои ќе ја радуваме Македонија и целата спортска јавност.

aleksandar-stefanov-pretsedatel-na-rfm-me-motivira-koga-gledam-polni-sali-i-celi-familii-koi-srekjni-doagjaat-na-natprevarite-08.JPG

Пред изборот на нов претседател на РФМ, запрашан дали ќе остане на чело на репрезентацијата, Кире Лазаров рече дека прво ќе разговара со првиот човек на федерацијата и ако имате исти цели и визија, ќе остане селектор. Се видовте ли со Кире, ќе продолжи ли неговиот договор?

Селекторот, мислам дека има активен договор до наредната, 2026 година. Во изминатиот период се видовме и разговаравме неколкупати.

Како што кажав, нашата прва зацртана заедничка цел, пласман на ЕП2026, ја остваривме. Одиме понатаму, во јануари ни претстои првенството, а со Кире треба да се видиме, треба да разговараме, да го слушнеме, тој да види кои се нашите планови.

Мислам дека во интерес на ракометот, во интерес на целата ракометна јавност, треба да продолжиме успешно да ја претставуваме Македонија.

Алкалоид пред неколку дена стана шампион во европскиот куп. Колку оваа титула, но и претходните две на Вардар и онаа на Кометал ви се поттик да се вложува уште повеќе во овој спорт?

Да, Алкалоид го освои ЕХФ купот – тоа е поттик, за цела федерација, за сите ракометари и ракометарки мотив плус и одраз на тоа како треба да го задржиме ракометот да остане спорт број 1, да имаме масовност, да имаме промоција и негова популаризација.

Ние како федерација сме се нафатиле и работиме на сето ова.

Успесите на клупско ниво ни се посебно драги и се надевам дека и во иднина ќе ги имаме, но и дека ќе се радуваме на успесите во женскиот ракомет, со нивно учество на некое ЕП или СП, или со некој клупски успех.

Сакаме да создадеме цврста основа за спортот да дава здрави генерации и да биде амбасадор со кој ќе имаме голема промоција како држава.

Сакаме да имаме таленти, работиме на тоа и создаваме добри спортисти.

aleksandar-stefanov-pretsedatel-na-rfm-me-motivira-koga-gledam-polni-sali-i-celi-familii-koi-srekjni-doagjaat-na-natprevarite-03.JPG

Имате ли чувство дека женскиот ракомет кај нас како да е запоставен во однос на машкиот? Што треба да се направи за да се донесе повеќе публиката на натпреварите, ама и да се крене нивото во женската лига?

Јас и во кампањата што ја имав за претседател на РФМ, во самата програма, ставив акцент на женскиот ракомет.

И мислам дека во овој краток период што го имавме, почнавме да ги раздвижуваме работите и таму.

Како пример ќе го дадам двомечот што го имавме со Полска. Натпреварот се одржа во Битола, пред полна сала, од околу 2.000 гледачи.

Мислам дека во нашата историја првпат се случи на еден женски национален натпревар да имаме полна сала и да имаме 60 минути скандирање, навивање, а тоа навистина им годеше на девојките и придонесе за тоа да се чувствуваат еднакво битни како мажите.

Иако одигравме 2 солидни натпревари со Полска, и на гости и дома, за жал не се пласиравме.

Тука е и Индира Кастратовиќ, една ракометна легенда, а која е дел од нашиот стручен штаб, па планираме и организираме настан за во септември, во Охрид, на кој ќе бидат повикани репрезентации и клубови, заедно со нашата сениорска женска репрезентација.

Да не најавувам сè, но планираме и караван, со кој ќе посетиме разни градови низ Македонија, со наши ракометни легенди, каде ќе има запознавање на играчите, тренерите со младите, ќе имаме и интерактивни игри, кои, се надевам, ќе иницираат масовност и во женскиот ракомет и ќе придонесеме за поголем интерес за овој спорт меѓу девојките.

aleksandar-stefanov-pretsedatel-na-rfm-me-motivira-koga-gledam-polni-sali-i-celi-familii-koi-srekjni-doagjaat-na-natprevarite-05_copy.JPG

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Али Риза од Пакистан 8 години живее во Македонија: „Работам во суд, тука платите се подобри отколку ... „Јас ја напуштив својата држава со цел да најдам подобар живот и очигледно тоа г...
Аспен (26) од Аризона се пресели во Македонија: „Јазикот го научив сама, тука го најдов својот мир“ „Готвам македонски јадења барем трипати неделно, постојано пробувам нови рецепти...
Деми од Холандија се пресели во Македонија: „Мајка ми е Македонка, татко ми е Србин, а Шабан Шаулиќ ... „Во Холандија сè е поиспланирано и луѓето имаат брз живот. Гледам дека тоа полек...
Каде е денес Боби Андонов, момчето родено во Австралија, кое ја претставуваше Македонија на Јуниор Е... „Моите родители потекнуваат од мали села околу Струмица. Секогаш бев тажен ...
Ивана од Берово е мајка на 4 момчиња: „Моја желба беше јас да се грижам за нив, избегнуваме штетни с... „Имаме спори утра, нема брзање за одење некаде. Од мали ги поттикнувам самостојн...
Успешни Македонци низ светот: Д-р Билјана Талевска е дерматовенеролог во Шведска – почетокот бил ужа... „Почетокот беше ужасно тежок, со 13-месечно бебе се преселив во земја за која не...

Најчитани неделава