Александар Стефанов, претседател на РФМ: „Ме мотивира кога гледам полни сали и цели фамилии кои среќни доаѓаат на натпреварите“
Секоја година се одржува или СП или ЕП, па дали можеби во вашата агенда е да бидеме коорганизатори на некое првенство (да аплицираме со некоја соседна или европска земја)? Тука мислам на машкиот ракомет, бидејќи во 2022 го коорганизиравме женското ЕП.
До 2030 година се дефинирани сите машки сениорски првенства, државите и градовите во кои ќе се одржуваат тие.
Ние, како федерација, аплициравме за младински машки и женски Европски и Светски првенства, и тоа го направивме баш сега, во јуни, па се надевам дека ќе добиеме некој позитивен одговор и дека во следната година, или таа по неа, ќе ни доделат организација на некое првенство.
Што се однесува до сениорските, имавме комуникација со одредени федерации, но тоа би било за по 2030 година.
Но, со овие капацитети што ги имаме, во однос на салите и инфраструктурата, мислам дека можеме да бидеме коорганизатори на делот поврзан со групните натпревари.
Тоа се двете сали во Скопје, во Битола, салата во Куманово е во завршна фаза, а мислам дека се планира изградба на уште една сала во Битола.
Но, за сега немаме капацитет за кај нас да се играат завршни натпревари, за тие нокаут натпревари треба сала со капацитет за 20.000 гледачи.
Како би го прокоментирале неспортскиот потег на Филип Кузмановски по натпреварот Вардар – Пелистер, имајќи предвид дека сепак е капитен на репрезентацијата? И дали како федерација ќе донесете некакви санкции против него?
Кузмановски се извини веднаш после тоа и мислам дека сето тоа што го направи, го направи во афект, понесен од емоциите.
Го познавам и лично и Филип не е човек кој соодветствува на тие работи што ги кажал или испеал заедно со навивачката група.
Капитенот на Пелистер е капитен и на цела репрезентација, на цела Македонија, а тоа што се извини мислам дека е доблест, па не би коментирал повеќе од тоа.
Како личност која зад себе има спортска кариера, што ве мотивира најмногу на оваа функција?
Ме мотивира желбата да продолжиме со успесите што ги има досега ракометот, да останеме спорт број 1 кај нас.
Ме мотивира кога гледам полна сала, кога гледам луѓе со фамилии среќни како доаѓаат на натпревари, како си одат, како ракометот е „празник“ за сите.
И тоа ме мотивира и понатаму да работам за уште поголеми успеси.
Помеѓу функцијата и работата во градежништвото, колку имате време за приватноста? Дали трпи тој дел од вашиот живот за сметка на спортот?
Пробувам да бидам присутен и на работа, да одговорам на обврските кои се во федерацијата, а се наоѓа време и за фамилијата, мора да се најде.
Имам сопруга и две дечиња, и да, нормално е да трпи, но, со добра организација, се постигнува сè.

Гледајќи ги нашите клубови на европската сцена, добивате ли желба пак да го облечете дресот?
Долго време не сум фатил ракометна топка, но, доволно е стресно и на трибини, без разлика дали е тоа репрезентација или клубовите играат интернационални натпревари.
Желбата е секогаш тука, а може ќе направиме и некој турнир за ветерани, па ќе ги собереме поранешните ракометари.
Имаме и такво нешто во план, па ќе видиме.
Порано, кога бев поприсутен на тренинзите на РК Бутел, знаев да фатам топка, да шутнам некој пенал. Стручниот тим на клубот е составен од поранешни ракометари, па знаевме да фатиме топка, да.
Што ви е хоби, освен спортот?
Спортот генерално ми е хоби, не само ракометот. Качување на Водно, трчање, баскет.
Тоа не ми е само хоби, туку и дел од животот без кој не би можел да се замислам. Сакам да сум активен колку што имам време.
Што мислите за големиот увоз странски ракометари во клубовите?
Според пропозициите, клубовите се ограничени на 8 странци во домашното првенство.
Треба да останат ограничени странците, и апелирам клубовите да посветат повеќе внимание на нашите играчи, на создавање квалитетни домашни ракометари.
Знам дека тоа бара повеќе време, бара поголема работа, а клубовите сакаат резултати веднаш, сакаат титула, излез на европска сцена, но не треба да ги запоставиме нашите играчи, туку да им дадеме приоритет, да работиме со нив, зашто тие се базата и иднината на ракометот со која треба да ја градиме репрезентацијата во иднина.
А од друга страна, како поранешен ракометар, дали мислите дека нашите ракометари прават грешка кога ќе потпишат за голем клуб, зашто со ретки исклучоци, повеќето одат во странство, а на крајот пак се враќаат дома и „процветуваат“ тука? Ќе го спомнам пак Кузмановски, кој сезонава го предводеше Пелистер и конечно блесна и како капитен на репрезентацијата …
Да, тој навистина си го најде местото кај што припаѓа и во репрезентацијата и во клубот.
Не би рекол дека интернационалното искуство е лошо, потребно е во некој период кога играчите созреваат, гледаат друга средина, учат нов начин на работа, друг систем.
Во моментов, нашата репрезентација е во некои 80-90% составена од играчи кои доаѓаат од македонската лига, што е добро, се познаваат и играат натпревари меѓу себе, тука се и даваат една додадена вредност но влијаат и на популаризацијата на саата лига.
Не сум за не во странство, но не по секоја цена, и во клубови кои се добро афирмирани, кои играат европски натпреварувања, каде што ќе имаат добра минутажа.
Треба да се поклопат многу фактори за играчот кој ќе оствари интернационална кариера, стварно да добие самодоверба.

Што би им порачале на сите млади што сакаат да играат ракомет, но се двоумат дали има иднина во овој спорт кај нас?
Прво, би им препорачал на сите млади да се занимаваат со спорт, зашто само во спортот има една здрава целина, се одвива во здрава средина, а самите деца ќе се изградат и како карактери, а ако се во тимски спорт ќе научат да делат.
Пак ќе кажам дека ракометот е спорт број 1 кај нас, а ние имаме многу добри деца и во пионерските и во младинските категории, интересен е и динамичен за гледање, самите деца се огледуваат на нешто што е успешно, а во поранешните или сегашните играчи гледаат свои идоли.
Затоа топло препорачувам – спортувајте, тренирајте, тоа е иднината.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело