Ана Колевска за одморот на Бали: „Го скршив стапалото, лизнувајќи се покрај базен - каков третман добив во болниците?“

Она што најмногу ме трогна беше добрината на жителите на Бали.
Каде и да одев, кога ќе ме видеа со гипс, ми нудеа специјална грижа, ме пуштаа да прескокнам редици и постојано ми даваа комплименти за храброста – што не се откажав и покрај сè.
Тоа беше лек за душата. Почувствував вистинска човечност.

Секако, не беше сè идеално.
Хотелот во Убуд не беше особено подготвен да помогне со сместувањето, а искуството со првата болница ми донесе мешани чувства.
Првиот медицински центар каде што ме однесоа беше приватна клиника, но личеше на нешто од минатото – просторија со кревети и завеси, каде што можеше да ги слушнеш сите пациенти.
Немаше ниту ортопед во моментот, па морав да чекам со часови да дојде од друга населба.

Подоцна, пред летот назад, ја посетив една од ретките модерни болници на островот, во Нуса Дуа – таа навистина изгледаше како болница во поголем град, но беше оддалечена 2–3 часа од Убуд.

Медицинските трошоци беа високи – доктор на повик и гипс третманот нè чинеа околу 1.500 долари.
Ми беше понудена и операција, но одлучив да ја одложам и да се консултирам со лекари во Дубаи.
За среќа, како член на авио екипаж, имав меѓународно здравствено осигурување и успеав да си ги повратам средствата по враќањето. Тоа искуство ми ја зајакна вербата дека патничкото осигурување е неопходност – особено ако патувате во Азија или на оддалечени дестинации.

Севкупно, ова беше едно навистина незаборавно патување, и покрај сѐ што се случи – и да можев да го повторам, пак би тргнала!


По враќањето во Дубаи, морав да ја направам неопходната операција за да ја наместат коската на своето место – морам да се грижам дека повторно ќе можам да одам правилно… и да носам потпетици! (Сепак, тоа е дел од мојата професија како стјуардеса).

Закрепнувањето сè уште трае, иако поминаа повеќе од два месеца, но се чувствувам благословено што живеам во град како Дубаи каде што здравството е на највисоко ниво.
Добиената грижа беше одлична – и сега повторно сум назад на пат!


Прочитајте и Љубовната приказна на нашата стјуардеса Ана и Тарек од Јордан: „Живееме во Дубаи, тој уште не бил во Македонија“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело