Шеф Никола за трансформацијата од -30kg: „Не можев да се тркалам со децата, ми сметаше и кога се наведнував да врзам патики“
- Детали
- недела, 22 јуни 2025
„Првите тренинзи беа пекол. Срцето чукаше како тапан, нозете ми се тресеа“, вели за CRNOBELO.com шеф Никола, кој за сто дена со многу напор од 116kg ослабна на 86kg.

Никола Мишковски (40), кого сите го знаат едноставно како шеф Никола, е професионален готвач, ТВ-лице, татко на три деца и човек што живее за кујната.
Работи како главен шеф во ресторанот „Чардак“ во Скопје, има свое кулинарско шоу „Брза кујна“ и над 10 години е лиценциран судија по готвење.

За себе вели и дека има три страсти - готвењето, мотоциклизмот и мотивацијата на младите.
Не е тајна дека шеф Никола е меѓу омилените телевизиски личности кај нас, бидејќи неговото кулинарско шоу години наназад е едно од најгледаните.
Шармантниот готвач, сепак, последниве месеци е многу сменет, барем физички - шеф Никола направи голема трансформација на телото, и со многу труд, вежбање и грижа за себе ослабна 30 килограми за 100 дена.

За процесот на слабеење, но и која била причината за неговата одлука да го смени животниот стил и да направи нешто за себе, ни раскажа во разговорот:
Неодамна откривте дека намаливте 30kg и веќе сте под 90kg. Колку време ви требаше да го постигнете ова? Кога почна процесот на трансформација?
Целиот процес траеше точно 100 дена. Почнав на почетокот на февруари 2025, со 116kg. Денес сум 86.2kg.
Не беше лесно, но беше најдобрата одлука што сум ја донел за себе во последните години.

Зошто почнавте да вежбате - имавте здравствен проблем или ова беше превентивно?
Превентивно. Немав директен здравствен проблем, ама гледав дека тоа време брзо доаѓа.
Почнав да се чувствувам тешко, уморно, без елан.
Не можев да се тркалам со децата, ми сметаше дури и кога се наведнував да врзам патики.

Што ви беше алармот, моментот на освестување дека „веќе не може вака, доста е“?
Еден ден, се качив на вага и бројката 116 ми удри како чекан.
Си реков: „Ти си шеф, ти готвиш за здравје и убавина, а себеси си се запоставил“.
Тогаш си ветив дека ќе се сменам - не само физички, туку и ментално.

Како ослабнавте - само со вежби или и со прилагодена исхрана?
И двете. Без компромис. Секој ден тренирав и јадев чисто - белки, пилешко, зеленчук, интегрални производи.
Се откажав од леб, благо, шеќери и ноќни грицки. Најважно - си поставив приоритет: јас сум на прво место.

Како изгледаа првите тренинзи? Дали ви се и денес толку тешки?
Првите тренинзи беа пекол. Срцето чукаше како тапан, нозете ми се тресеа.
Но денес - трчам, дигам, се чувствувам како нов човек. Секој ден станувам посилен.

