Лиде Стојановска за родниот град: „Како деца во Кратово им се восхитувавме на светулките, беревме шумски јагоди, јадевме пастрмајка“
- Детали
- петок, 01 август 2025
„Покрај средновековните кули, под старите борови, времето тече поинаку, пополека и без брзање. Ах, спомените од детството - првите пикници во селото Туралево, восхитувањето на светулките (како што ние ги викавме „свитки-литки“). Кратово е моето постојано враќање. Град на моето семејство, на мир, на спомени, на убавини“, вели Лиде Стојановска (34), туристички водич oд Кратово.

Лиде Стојановска (34) oд Кратово работи како туристички водич во Македонија веќе 13 години, а за својот роден град вели дека го обожава и дека најголемо задоволство ѝ претставува кога им го покажува на туристите.
Иако, сега најчесто е во Скопје, Охрид и на пат поради нејзините работни обврски, сепак, секој слободен миг едвај чека за да се врати таму.
Инаку, таа е дипломиран преведувач и толкувач на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, по англиски, француски и шпански јазик, а има магистрирано на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје.
На прашањето „Зошто го сака Кратово?“, Лиле за CRNOBELO.com вели:
„Затоа што тој не е само мој роден град — тој е мојата приказна, мојата инспирација, мојот живот.
Сè започна во калдрмисаните улички покрај средновековните кули, под старите борови, каде времето тече поинаку, некако пополека и без брзање.

Секоја прошетка низ градот ми буди спомени на детството - на првите пикници во селото Туралево, пеењето на птиците, восхитувањето на светулките (како што ние ги викавме „свитки-литки“).

Спомените од училиштето и моето Царина маало, бербата на шумски јагоди во блиската шумичка, смеењето со друштвото и семејството покрај многубројните рекички и поточиња во градот и во селата, како да сме на крајот на светот како што вели една приказна, а всушност – на најубавото место на светот.

Кулите на Кратово - Саат кулата, Симиќевата, Крстева, стојат гордо како сведоци на векови, а камените мостови ни беа игралишта, но и првите лекции по историја.
Оттаму тргна и мојата љубов кон културното наследство – љубов што денес ја преточив во професијата туристички водич.

Со восхит и денес се сеќавам на вкусот на првиот тост од сендвичарница „Сара“ - нешто толку едноставно, но толку незаборавно. Или првата пица во ресторанот „Александрија“ - ниеден вкус потоа не можеше да го замени и сè уште не може.
А пастрмајката, топлиот леб со сирење и буковец, домашните домати од нашата градина - тие се вкусот на мојата душа, вкусот на КратовСе сеќавам и на првото ЦД што го позајмивме со филмот „White Chicks“, смеата, дружењето, чувството дека светот е отворен за нас. Или на првиот текст што го напишав на компјутер во Радио Кратово, првата детска емисија што ја водев, моите први чекори во медиумите.

Заљубена во кратовската природа, на само 18 години го реализирав првиот самостоен проект со Македонското еколошко друштво — „Еколошки фотографии од Осоговските Планини“.
Уште како ученик учествував во организираните акции за уредување на мини-градскиот парк „Карши Бавча“ преку проект на граѓанската организација на татко ми, а младите од Кратово се собираа, дружеа и градеа заедница во време кога тоа беше вистинско богатство.

