Лиде Стојановска за родниот град: „Како деца во Кратово им се восхитувавме на светулките, беревме шумски јагоди, јадевме пастрмајка“
Кратово ми буди спомени и од времето кога работев како спикер и новинар во регионалната телевизија „Сител 2“, предавав англиски јазик на ученици од разни генерации во приватното училиште за странски јазици кое сега ги гледам пораснати и не можам да поверувам колку брзо оди времето.

Во 2023 година ја одбранив мојата магистерска тема за фолклористичките потенцијали за етнотуризам во Кратово на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје и сега ја објавив како книга.
Тоа беше мој личен и професионален триумф, како признание за сè што сум чувствувала и знаела за мојот град и за поголема афирмација на Кратово на туристичката мапа на Македонија и на Балканот.

Во изминативе 13 години, сум прошетала голем број туристи низ Кратово, секогаш со иста страст и гордост.

Кога ги гледам нивните лица исполнети со воодушевување пред Камените кукли, средновековните кули и мостови, подземниот ходник, Цоцев Камен, Големо Градиште – се гордеам со мојот уникатен град на Балканот и пошироко.

Кратово е моето постојано враќање. Град на моето семејство, на мир, на спомени, на убавини.
Град што живее во мене, и преку мене – продолжува да живее во секој турист, секој читател, секој кој ќе го запознае.
И ќе го сакам засекогаш“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
