Аница 55 години живее во САД: „Се преселив на 16, со сопругот изградивме куќа во Ресен да имаме свое парче во Македонија“
- Детали
- петок, 08 август 2025
„Америка не ме пушта да си заминам засекогаш во Македонија, зашто таму ми се децата, внучињата, правнучињата ми се таму. Имам 4 внучиња и 2 правнучиња, а третото треба да се роди деновиве“, вели Аница (71) која родителите во далечната 1970-та година ја испратиле да живее кај вујко ѝ, во потрага по подобар живот.

Аница Клокановски (71) веќе 55 години живее во Америка. Таму се омажила, создала семејство, има и деца и внуци.
Од времето на короната има и свој Јутјуб канал за готвење, хоби кое ја исполнува, особено откако е во пензија.
Иако многу членови од нејзиното семејство се заминати од Македонија низ светот, во преспанскиот регион и понатаму живее нејзината 95-годишна мајка Николинка, а тука има и сестри, и внуци од нив.

За својот живот во САД, Аница раскажа за CRNOBELO.com:
„Родена сум 1954 година во Село Наколец. Во 1970 година, на мои 16 години заминав во Канада во Виндзор.
Моите родители сакаа да имам подобар живот, па отидов да живеам кај вујко ми, на мајка ми брат.

На 17 години се омажив и од Канада се преселив во САД, во Детроит.
Во Америка живеам, еве веќе 55 години, а овој август со сопругот прославивме 54 години во брак.
Имав 19 години кога ми се роди ќерката (во 1973 год.), а синот се роди 1977 година.

Со сопругот сами градевме живот и за нас и за децата, сами си помагавме.
Не беше лесно, и јас дете бев во тоа време.
Па, кога немаш некој покрај тебе, родител или некој свој човек да ти помогне, многу е тешко.

Но, поради тие маки, станавме појаки.
И фала му на Господ, си купивме куќа, прво постара, а потоа си изградивме нова куќа.
Низ годините сменивме повеќе куќи, но сега си живееме во наша куќа.

Си изградивме и куќа во Ресен, во далечната 1986-та, па тука сме секое лето.
Сакавме, кога ќе си доаѓаме во Македонија, да си идеме во наша куќа.
Многу убаво ни е овде. Тука ми е мајка ми, и сестрите со фамилиите.

А Америка не ме пушта да си заминам засекогаш во Македонија, зашто таму ми се децата, внучињата, правнучињата ми се таму.
Имам 4 внучиња и две правнучиња, но на пат е и третото правнуче кое треба да се роди деновиве.
Што се однесува до условите за работа, би кажала вака - секаде треба да работиш за да имаш, и во Америка и во Македонија.
Ако не си работник, ниту таму ќе ти чини, ниту овде.

Јас сум пензионерка сега, а работев како фризерка.
Пред некоја година отворив мој Јутјуб канал за готвење, се вика Baba Ance’s Kitchen (Кујната на баба Анче).
Го почнав каналот кога фати короната и оттогаш се занимавам со тоа, да ми врви времето.

И да ви кажам, оваа година некои работи се во Ресен многу поскапи отколку во Америка.
Една пченка тука беше 50 денари, тоа е 1 долар. За долар можеш да земеш таму 4 до 6 пченки.
Кога дојдовме јаболката беа 160 денари за килограм.
Можеби не е сезона за овие работи и затоа се скапи, но платите и пензиите се мали, па искрено, ми е жал што е така“.
