Баба Николинка од Преспа наполни 95 години - има 12 правнуци, 2 чукунвнуци, утрински ритуал ѝ е кафе со кекс
- Детали
- среда, 09 јули 2025
„Мајка ми има 4 ќерки, 8 внуци, 12 правнуци и два (со трето на пат) чукунвнуци. Не бевме сите на роденденот, зашто повеќето живеат во Америка, Канада, низ Македонија и во Србија, но имаше и внуци и правнуци и беше убаво“ - вели за CRNOBELO.com Аница, ќерката на баба Николинка, која неодамна наполни 95 години.

Николинка Гакевска е родена во селото Арвати, Преспа на 06.07.1930 година.
Пред неколку дена таа наполни 95 години, а роденденот го прослави со дел од своето големо семејство кое брои 4 деца, 8 внуци, 12 правнуци и 2 чукунвнуци (а третото е „на пат“), со торта и букет црвени гербери.

Сето ова, но и здравиот начин на живот се тајната на нејзината долговечност. Баба Николинка е витална и воопшто не личи на жена која се приближува кон 100 години.
За тоа како живее баба Николинка, но и за роденденската прослава, ни раскажа нејзината ќерка Аница (71), која веќе 55 години живее во Америка.

За CRNOBELO.com, таа вели:
„Иако живеам во САД, скоро секоја година со семејството доаѓаме во Македонија, во Ресен, па секој роденден на мајка ми го славиме заедно.
Таа живее со најмалата сестра Васка. Инаку, јас сум најстара од четирите сестри.

Мајка ми е мажена во село Наколец 1953 година и од тогаш живее во истото село.
Има 4 ќерки, 8 внуци, 12 правнуци и два (со третото на пат) чукунвнуци.

Дневната рутина ѝ е утринско кафенце со кекс или бисквити меѓу 7 и 8 часот, а во текот на претпладнето секогаш јаде некое овошје.
Руча рано, меѓу 13 и 14 часот - месо со ориз, манџа, компир и обавезно салата со домат и луто.

Меѓу 18 и 19 часот го пие второто кафе и потоа од 20 часот има лесна вечера со јогурт или млеко.
Освен кафе и чај, пие само вода. Јаде само органска храна - ништо индустриско, ништо сувомесно, маргарини и слично.
Од благи работи само суви и попарени кексови, ништо филувано.
Се движи по малку низ дворот од куќата.

Инаку, за роденденот си поминавме многу убаво.
Не бевме сите, оти повеќе живеат во Америка, Канада, во други градови низ Македонија и во Србија. Но, имаше и внуци и правнуци“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
