Цеце Тодосовска за стилот и убавината: „Не размислувам за ботокс, не бројам калории, но се трудам да се хранам здраво“
- Детали
- сабота, 16 август 2025
„Јас сум јас кога сум во патики или со некои ниски чевли, некое лелеаво фустанче преку лето и многу малку шминка - руменило и маскара, толку“ - вели за CRNOBELO.com новинарката Цеце Тодосовка и ни ги откри тајните на својот стил, нега, убавина и здравите навики.

Новинарката Цеце Тодосовска (37) долги години е едно од препознатливите лица во етерот, како водителка на емисијата „Утринска на Телма“.
Оваа жена има изграден стил, но тој се разликува многу кога е на ТВ-екраните и кога е дома.
За CRNOBELO.com, Цеце вели дека поради тоа што скоро секојдневно се дотерува и шминка за во емисија, сака да биде поспортски облечена кога е дома, и да не става шминка.

За нејзината рутина за нега на лицето, естетските корекции, како се храни, но и како ја одржува витата става, таа ни раскажа низ разговорот:
Стил на облекување
„Спортско-елегантен стил би бил најсоодветниот одговор. Среќа што постои ‘Утринска на Телма’, па тука секојдневно со најразличните модни комбинации можам да го задоволам апетитот за дотерување и шминкање.
Инаку, јас сум јас кога сум во патики или со некои ниски чевли, некое лелеаво фустанче преку лето и многу малку шминка - руменило и маскара, толку!
Облека купувам кај нас и најчесто купувам некое парче сосема непланирано. Немам навика да излезам со таа цел да си купам нешто ново.
Мора да признаам дека последниве години повеќе уживам да купувам за децата, отколку за себе“.


Нега на лицето
„Мојата рутина опфаќа чистење на лицето наутро и навечер пред легнување, нанесување серум и крема (дневна или ноќна). Ако ова може да се нарече рутина, тогаш таа е мојата.
Ништо посебно не правам, иако би сакала да можам барем 3-4 пати во годината да одам на некој третман за лице и да посветам малку повеќе време за кожата на лицето.
За ботокси и хијалурони не размислувам, едноставно не сум тоа јас.
Пак ќе ја споменам мојата работа како водителка на ‘Утринска на Телма’ која од мене бара скоро секој ден да сум нашминкана, така што надвор од тој професионален ангажман, јас сум со многу малку шминка или воопшто ја немам“.

