Христина Пан за родното село Слепче: „Го обожавам, со сопругот направивме викендичка таму, за ќерките да имаат детство како моето“
- Детали
- петок, 29 август 2025
„Велат дека родното место е она место што никогаш не го напушташ и сосема е точно. И со право секој мисли дека неговиот роден крај е најубав. И јас така викам, моето Слепче е најубаво“, вели за родниот крај Христина Младенов, позната како Христина Пан на Инстаграм.

Христина Младенов, позната како Христина Пан на Инстаграм, е мајка на три девојчиња, близначките Тара и Хана и помалата Калија, а со сопругот Петар живеат во Скопје.
Но, нашата инфлуенсерка, со повеќе од 30.000 следбеници на Инстаграм, секоја слободна пригода се враќа во родното село Слепче, кое се наоѓа во близина на Демир Хисар.
Таа го обожава ова место и вели дека сака и нејзините ќерки да имаат детство како што имала и таа – безгрижно, со игри во природа и едноставно магично.

Поради тоа со сопругот одлучиле да си изградат викендичка таму, каде одат секогаш кога им дозволуваат обврските.
Инаку, Слепче е село во општина Демир Хисар, во регионот Пелагонија, на околу 2 километри од градот Демир Хисар.
Се наоѓа на надморска височина од 680 метри и во селото има околу 550 жители.
Христина Пан за Слепче за CRNOBELO.com вели:
„Велат дека родното место е она место што никогаш не го напушташ и сосема е точно.
Каде и да си, колку и да е поубаво тоа место каде што си, секогаш во мислите ќе ти биде она каде што си се родил и пораснал.

И со право секој мисли дека неговиот роден крај е најубав. И јас така викам, моето Слепче е најубаво.

Убаво е кога ќе дојдеш и околу тебе гледаш нешта што те потсетуваат на едно време кога си немал грижи, кога им немало крај на игрите и дружбите со децата од маало.

Многу сакам такво детство и за моите деца. Да играат игри без телефони, да трчаат боси, да јадат овошје и зеленчук од дворот, да немаат граници...
Mоите поголеми ќерки близначки Хана и Тара веќе имаат другарчиња и тука и едвај чекаат да дојдат.
