Филип Митовски (26) е козар и земјоделец: „Имам 150 кози, станувам во 6 часот наутро за да ги измолзам“
- Детали
- четврток, 11 септември 2025
„Еден типичен ден како козар на нашиот имот во селото Дурачка Река ми изгледа вака: Се будам во 06.00 часот и се молзат козите, им се става крма за јадење и после се тераат на напасување до вечерта, па повторно молзење“, вели Филип Митовски (26) од кривопаланечко за CRNOBELO.com.

Филип Митовски (26) од селото Дурачка Река, кај Крива Паланка, по професија е земјоделец, инаку има завршено средно училиште за електро техничар за компјутерска техника и автоматика.
Toj покрај со земјоделство се занимава и со чување на кози, а со семејството прават урда и сирење.
За својата професија Филип открива за CRNOBELO.com:
„Со земјоделство и чување кози на нашиот имот во Дурачка Река се занимавам уште од мали нозе, буквално откако знам за себе.

Еден типичен ден како козар ми изгледа вака: Се будам во 06.00 часот и се молзат козите, им се става крма за јадење и после се тераат на напасување до вечерта.

Преку ден исто се носат да се напојат вода и вечерта доаѓаат од напасување и пак се молзат и вечерта веќе одмараш. Тоа е еден типичен ден.

Во моментов имам околу 150 кози, а со козјото млеко правиме сирење и урда.
Козите ги чувам на традиционален начин, но вметнувам и нови методи. Новина е на пример тоа што се коси со косачка, а не како претходно рачно.

Имам и куче кое нонстоп е со мене.
Инаку, кога на луѓето ќе им кажам со што се занимавам повеќето реагираат позитивно и се воодушевени.

Земјоделството го сакам затоа што така произведувам здрава и непрскана храна.
Со земјоделството избрав да се занимавам затоа што тоа ме исполнува да произведувам храна, како за свои потреби, така и за потребите на многу други луѓе.

На мојата земја одгледувам многу култури како: грав, компир, домат, пипер, кромид, праз, зелка, марула, тикви, краставици, боранија, грашок, а плус имам и овоштарници со круши, јаболка, сливи, цреши, малини, капини, аронија и сега нешто ново - гоџи бери.

Младите треба повеќе да се вклучат во земјоделството затоа што повеќе ќе има наша македонска домашна храна и цените на производите нема да бидат толку високи.
Плус, во секоја гранка има добар профит, ако знаеш да го работиш тоа, а ако не знаеш сè се учи само ако имаш желба.
