Ивана Стојановска е дама со префинет стил - работи како социолог во училиште и изработува накит од мерино волна (фото)
- Детали
- недела, 19 октомври 2025
„Сакам да комбинирам различни текстури, бои и детали, да внесам интересни додатоци и да создадам комбинации кои се уникатни и инспиративни“, вели Ивана Стојановска (38), која сите модни комбинации ги збогатува со своите рачно направени детали.

Ивана Стојановска (38) од Струга, по професија социолог во училиште, но по душа – креативец, е горда мајка на ќерката Лена и за себе вели дека сака да биде жена што создава, инспирира и води.
Таа е модна дама со свој мал бизнис. Креира накит и украси од мерино волна и вели дека оваа активност ја обожава и навистина ја исполнува.

Ивана ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
„Сакам да истражувам луѓе, односи и општество, но истовремено да создавам уникатни парчиња кои носат лична приказна.
Вработена сум во основно училиште како стручен соработник – социолог и секојдневната работа со деца ме исполнува, бидејќи таму најдиректно гледам колку е важно воспитувањето, поддршката и човечката поврзаност.

Социологијата ми помага да ги разберам луѓето, а креативноста ми овозможува тоа разбирање да го преточам во нешто видливо и опипливо – модно парче, идеја или симбол.
Двете страни се надополнуваат и ме прават целосна.

Модата отсекогаш била значаен сегмент од мојот живот - не само како облека, туку како јазик преку кој се изразувам и ја раскажувам својата приказна.

Со создавањето на Инстаграм профилот @7to3fashion најдов начин мојата креативност да ја преточам во нешто што ќе им служи и на другите жени.

Веќе неколку години, овој профил е место на кое се спојуваат инспирација, идеи и практични совети за комбинирање различни парчиња облека.

Сакам да ја поттикнам секоја жена да се охрабри да експериментира со стилот, да го внесе сопствениот печат и да открие дека модата не е наметната рамка, туку слобода за изразување.
Верувам дека модата не е само изглед, туку пред сè чувство - кога ќе облечеме комбинација што ни прилега и во која се чувствуваме убаво, самоуверено и свое, тогаш и најтешките обврски стануваат полесни.

