Успешни Македонци низ светот: Ален има 4 ресторани во Малта со семејството – прават домашни колачи и бургери
- Детали
- петок, 24 октомври 2025
„Мајка ми ги приготвуваше сите слатки - оттука името Mamma’s Sugar. Започна како мал семеен проект, а денес постоиме на три локации низ Малта, како и сестрински бизнис Mamma’s Brunch & Burgers – со слатко и солено мени. Сè уште работиме во помали серии, далеку од масовно производство, во 2026 планираме експанзија во Европа, се надеваме ќе пристигне и во Македонија, а отвораме и можности за франшиза“ - раскажува за CRNOBELO.com Ален Осман од Скопје, кој заедно со семејството има успешен бизнис во Малта.

Во 2023, Ален Осман ни ја раскажа приказната за отворањето на нивниот семеен бизнис во Малта, слаткарница каде неговата мајка ги подготвуваше најубавите традиционални и модерни десерти за локалците и за туристите.
Прочитајте: Семејство од Македонија ги прави најубавите слатки во Малта: „Локалците се заљубени во нашите специјалитети“
Денес, Mamma's Sugar постои на три локации во Малта, а семејството го прошири бизнисот со уште еден локал, Mamma’s Brunch & Burgers, каде освен слатко мени, има и бургери и други солени јадења.
„Со силна страст кон кулинарството и претприемништвото, ја започнав Mamma’s Sugar заедно со моето семејство, со цел да ја доближам автентичната вкусна традиција до пошироката публика“ - вели Ален за CRNOBELO.com, кој во 2016-та се преселил во Малта и оттогаш активно работи на промоција на нивниот бизнис и на нивните промоции на интернационални фестивали и гастрономски натпревари ширум Европа.

Поразговаравме повторно со Ален и ни раскажа колку нивниот бизнис пораснал, колку тоа ги променило, но и како планираат да се шират...
Љубовта кон Mamma’s Sugar започна уште од моето детство, кога традиционалните домашни слатки имаа посебно место на секоја семејна прослава. Моето семејство отсекогаш ги ценело малите, но вкусни моменти создадени во кујната.
Кога се преселив во Малта, почувствував силна потреба да го споделам тој автентичен вкус и топлина со луѓето тука. Mamma’s Sugar не е само бизнис – тоа е приказна за љубовта кон традицијата, семејството и уживањето во секој залак.
Интересно е што името доаѓа од фактот дека токму мајка ми ги приготвуваше сите слатки – оттука, Mamma’s Sugar.

Сѐ започна како мал занаетчиски проект, инспириран од домашните рецепти и спомените од детството.
Кога пристигнав во Малта, забележав дека постои голем интерес за автентични, рачно изработени десерти. Оттаму започна нашата приказна – прво од домашната кујна, потоа преку нарачки на социјалните мрежи и локални пазари.
Позитивните реакции ни беа голем поттик – отворивме мала производна работилница, а подоцна соработувавме со кафулиња, хотели и канцеларии.
Денес Mamma’s Sugar има три локации низ Малта, како и сестрински бизнис Mamma’s Brunch & Burgers – со слатко и солено мени.

Секој десерт се прави рачно, со љубов, според автентични рецепти што носат душа и историја.
Нашите клиенти често велат дека со секој залак се враќаат дома – во кујната на својата мајка.
Не користиме масовно производство и не правиме компромиси во квалитетот. Секогаш свежо, оригинално и со внимание на деталите.
Нудиме и персонализирани нарачки и уникатни вкусови што не можете да ги најдете на друго место.

Во срцето на Mamma’s Sugar лежи вербата дека секој заслужува момент на сладост – без разлика на потекло, способности или прехранбени навики.
Нашиот тим е составен од луѓе од пет различни култури, а 29% од нашите вработени се лица со посебни потреби.
Тоа не е само бројка, тоа е гордост и доказ дека бизнисот може да биде хуман, топол и инклузивен.
Создаваме работна средина каде што секој има шанса да блесне.

Mamma’s Sugar денес постои речиси пет години. Во тој период, искуството што го стекнавме беше клучно за нашиот раст.
На почетокот сè беше поедноставно и поинтимно, но со текот на времето изградивме посистематски пристап, стабилни процеси и поголем тим.
Денес сме посигурни во одлуките и насоката во која се движиме, а најважно е што успеавме да ја зачуваме автентичноста и квалитетот со кои започнавме.

Mamma’s Sugar продолжува да работи од главната локација во Малта, додека Mamma’s Brunch & Burgers е нашиот сестрински бизнис што нуди целосно различно мени.
Одлуката да се прошириме со солено мени произлезе од желбата да одговориме на барањата на клиентите – тие сакаа место каде, покрај десерти, ќе можат да уживаат во појадок или во добар бургер.

Така создадовме мени со свежо подготвени бургери, разновидни бранч-комбинации и интернационално инспирирани јадења, секогаш со наш препознатлив занаетчиски пристап.
Нашиот основен принцип е квалитетот. Без разлика дали станува збор за десерт или за бургер, никогаш не правиме компромис со свежината и природноста на состојките.
Сè уште работиме во помали серии, далеку од масовно производство, бидејќи веруваме дека токму занаетчискиот пристап ја создава разликата во вкусот и автентичноста.
