Тина Русева за CRNOBELO, откако „растури“ на The Voice: „Не можев да замислам дека ќе добијам толкава љубов“
- Детали
- среда, 08 октомври 2025
„Во шоуто се пријавив сама, со верба во Бога, без да кажам никому, па дури ни дома. Сакав прво тивко да видам дали и Господ мисли дека ова е вистинскиот пат за мене. Кога ме повикаа во Берлин, тогаш им открив сè на моите најблиски“, вели за CRNOBELO.com Тина од Струмица, која растури на аудицијата во The Voice.

Тина Русева (20) е родена и порасната во Струмица, но веќе некое време живее во Германија.
Таму завршила средно, општа гимназија и, вели, да не бил натпреварот The Voice, каде што со една песна „го купи“ жирито, но и публиката, ќе се запишела на факултет, за да студира менаџмент.
И десетина дена по првиот настап, кога со песната Do It Like a Dude од Џеси Џеј го остави жирито со подзината уста, Тина уште ги средува впечатоците.

За CRNOBELO.com, таа раскажува:
„Искрено, верував во тоа што го носам како уметник и се надевав дека публиката ќе го почувствува тоа.
Но морам да признаам дека вакви реакции и толкава љубов не можев ни да замислам.
Пресреќена сум што мојот настап допре до толку луѓе и што музиката ја направи таа врска меѓу нас.
Знам колку работев за овој момент и ми значи што луѓето го препознаа тоа. Можам само да кажам ‘Фала од срце’.

Во шоуто се пријавив сама, со вербата во Бога, без да му кажам на никого, па дури ни дома.
Сакав прво тивко да видам дали и Господ мисли дека ова е вистинскиот пат за мене.
Кога ме повикаа во Берлин, тогаш им открив сè на моите најблиски.
Од денот кога ме примија едвај чекав да дојде мојата blind аудиција.
Денот на настапот бев премногу возбудена затоа што тоа беше моментот што го чекав цел живот.
Инаку, вториот круг е во тек“.

На прашањето кој го откри нејзиниот музички талент и дали отсекогаш сакала да пее, Тина вели:
„Од кога знам за себе ја имам љубовта за музиката и за пеењето. Мојот талентот прво го открија моите дома.
Во мојата музичка биографија стојат два настапа на детското фестивалче ‘Јојо’ во Струмица, повеќе интернационални натпревари, а еден од најголемите е ‘Славјански базар’ во Белорусија.
Исто така, и мојата најнова авторска песна што излезе пред The Voice Of Germany - Let the Мusic…“.“
Да можеш да избереш една личност со коа би застанала на сцената или би снимила дует, коа би била таа и зошто?
„Без двоумење тоа би била Џеси Џеј! Таа не е само уметник за мене, туку вистински извор на инспирација.
А моите музички амбиции се да создадам музика што ќе допре до луѓето.
Целта ми е да оставам трага и еден ден да настапувам на големи сцени“.

Прочитајте и Тина од Струмица воодушеви на германскиот The Voice - Жирито со подзината уста, се „степаа“ кој да ја земе во својот тим
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
