Дорина, ќерката на актерот Бранко Ѓорчев: „Татко ми го изгубив на 22 години, мака ми е што не ги дочека внуките од мене и сестра ми“
Што мислиш, што би ти кажал сега кога би бил овде?
Мислам дека би бил многу горд, особено поради фактот што се реализирав како родител пред сè.

Навистина ми е криво што тој не ги дочека внуките од мене и сестра ми, бидејќи мислам дека ќе беше еден прекрасен дедо, кој за тоа и мечтаеше.

Која улога од неговата кариера мислиш дека најмногу го опишуваше него како човек?
Не би можела да кажам дека некоја улога го отсликува неговиот карактер и него како човек, бидејќи тој најчесто играше улоги на негативци, што беше пак сосема спротивно од она што тој беше во реалниот живот.

Како се справуваше со популарноста? Дали таа влијаеше на семејниот живот?
Бране беше многу обичен човек, па така и никогаш не дозволи популарноста да го смени. Не само кон семејството, туку кон сите луѓе воопшто.

Можеби неговиот начин на работа некогаш влијаеше на динамиката на семејството и некогаш се случуваше да пропушти некој настан, но ние сите имавме разбирање за неговата работа, знаевме со колкава љубов ја работи и никогаш не му замерувавме.
Неговата популарност никогаш не ја почувствувавме како товар, туку само како гордост.

Дали некогаш те носеше на сет или на претстава? Какво беше тоа искуство?
Уште од најмали нозе бев постојано во Драмскиот театар, по гримиорните, во бифето, зад сцена, во столче, во публика.

Често имав и преспивано како дете таму бидејќи многу често глумците после претстава остануваа во бифето до доцна, па и јас заспивав со нивните приказни и нивната несекојдневна енергија.
Искуството е уникатно, бидејќи целата атмосфера во театарот е волшебна и да бидеш во друштво на уметници е богатство.

