Дорина, ќерката на актерот Бранко Ѓорчев: „Татко ми го изгубив на 22 години, мака ми е што не ги дочека внуките од мене и сестра ми“
Има ли некој проект на кој тој посебно се гордееше, а кој проект, пак, ти е тебе омилен?
Секој проект го прифаќаше со максимална одговорност и посветеност, и паметам дека кога ги учеше текстовите, беше изолиран во својот свет, концентриран дури и во најголемата галама.
Ние имавме разбирање и секогаш внимававме да биде тивко.

Мислам дека сите улоги му беа драги, но секако особено драги му беа оние за кои има добиено награди како улогата Мефисто, улогата Фред во Спасени…
Исто така особено драга му беше улогата на Јонадаб во истоимената претстава, потоа улогата на кралот Клавдиј во Хамлет, Кралот во Кандид и многу други.
Мене омилена претстава и улога ми е Јонадаб.

Што најмногу ти недостасува од него? Им зборуваш ли на твоите деца за него?
Постојано ми недостасува, постојано се присетувам. Многу често кога сум пред животни предизвици, ми недостасуваат неговите мудри совети.
Но, сепак огромна поддршка во овие моменти ми е мојата мајка, која заедно со нас го носеше товарот на загубата.
Мојата постара ќерка Матеа, иако има само 6 години таа знае сè за нејзиниот дедо, сум ја носела во Драмскиот театар каде еднаш и настапуваше на концертот на дуото Дац и Александар и е многу горда на својот дедо.
Бистра е сè уште малечка, но и неа ѝ го споменувам. Животните лекции кои ми ги пренесе се обидувам и јас да им ги пренесам на моите.

Има ли некоја негова фраза што често си ја повторуваш?
Да, често, како и него велам: „Секогаш да го зачуваме достоинството“.

Дали и како неговиот живот те инспирира на твојот пат денес?
Постојано. Неговата посветеност, пожртвуваност, едноставност и смиреност кон сите работи, се нешта кои сакам да ги достигнам.

Тој беше татко, каков што и јас посакувам да сум родител со моите деца.

Што би сакала луѓето да запомнат за него - не само како актер, туку како човек?
Иако беше голем во смисла на културното наследство што го остави, тој беше еден многу едноставен човек, благороден, човек кој го гледаше само доброто во луѓето.
Верувам дека и луѓето така го паметат, како Бране со најискреното срце и најтоплата душа, а јас секогаш ќе го паметам како најдобриот татко на мене и Фросина.



©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело
