Благица, мајката на штипската четворка: „Пред легнување седат прегрнати и бакнувајќи се си велат ‘бате’ и ‘даде’“
- Детали
- понеделник, 10 ноември 2025
„Михаил е ‘скриено жарче’ и тивко прави пакост, Леонтина е зборлеста, Теодор е емотивен, а Ведран е водач на бандата“, вели Благица, мајката на штипската четворка за CRNOBELO.com.

Трите братчиња и сестричката од Штип, Ведран, Михаил, Теодор и Леонтина, познати како штипската четворка, во октомври 2025-та наполнија 2 години.
Весели, разиграни, со крупни очи и слатка насмевка, четирите дечиња се прекрасни, но според нивната мајка Благица - тие се и голем предизвик за неа и сопругот Александар како родители: да ги израснат, зашто како минува времето, така е поголемо „трчањето“ околу нив.

Четирите деца веќе одат, зборуваат, а и секое си покажува свој карактер. Но, токму тоа ги прави уникатни.
А за тоа како изгледа животот со 4 деца две години по нивното раѓање и кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат, Благица Митева Зикова раскажа за CRNOBELO.com.

Прочитајте го интервјуто:
Неодамна децата наполнија 2 годинки... Како се снаоѓате сега? Полесно или потешко откога беа бебиња, зашто веќе одат, трчаат...?
Секое време со нив си има своја приказна. Додека беа бебиња, си мислев дека кога ќе почнат да одат ќе ми биде полесно, но не било баш така.
Сега, кога имаат две годинки, трчаат на сите страни, се лутат, се карат меѓу себе и бараат многу повеќе внимание.
Треба постојано да ги пазам, да им читам книги, да бидам креативна и секој ден да измислам нова игра за да им биде забавно.
Мое мислење е дека, всушност, додека се бебиња - е најлесно.

Дали сите проодуваа во исто време? И како изгледаа тие моменти во вашиот дом?
Пред да наполнат година, сите почнаа да се исправуваат и да одат потпирајќи се по мебел или по нешто што ќе фатат.
По првата година, некаде на 14 месеци, прв почна да оди Теодор, а веднаш по него, со разлика од една недела - Леонтина.
Ведран прооди на 15 месеци, а по некоја недела и Михаил ги направи своите први чекори.
Тие моменти беа вистинска среќа и радост во домот - многу смеа, возбуда и хаос во исто време.
Не знаеш кого попрво да пазиш да не се повреди. Секој ден стануваа посигурни во чекорењето, а со тоа и деновите стануваа сè позабавни, со многу смешни движења и постојано трчање низ куќата.

А како беше кога им излегуваа првите запчиња? Дали реагираа исто кога „вадеа“ запчиња или секој различно?
Прв запче извади Ведран, и секое негово запче беше проследено со температура и малку нервоза.
Михаил, пак, помина најлесно, без никаква реакција, едноставно одеднаш му излезе првото запче.
Теодор многу порано даваше знаци дека ќе му никне, го мачеа жлабинките, и кога наполни една година конечно му се појави првото запче.
Леонтина беше последна, некаде после годината ѝ излезе првото запче, и тоа сосема лесно, без температура, без плачење.
