Мартин Видоевски, фитнес тренер: „Македонците велат не сакаат теретана, туку кардио на Водно, а не го ни виделе Крстот одблиску“
- Детали
- четврток, 28 мај 2026
„Најчудна навика кај некои клиенти ми е што лажат, односно кога ќе ми кажат дека направиле 4 серии по 10 повторувања, а всушност се 3 по 8… Не ме лажат мене туку самите себе“, вели Мартин Видоевски, кој повеќе од една деценија работи како фитнес тренер.

Мартин Видоевски е магистер по Човечки ресурси, но животот го одвел во друга насока, а тој повеќе од две децении работи како фитнес тренер.
Мартин е сертифициран бодибилдинг и фитнес тренер, а неговото професионално искуство вбројува низа успешни фитнес центри.
Со него поразговаравме за сите згоди и незгоди со кои се среќава во својата работа, како и за фитнес навиките на Македонците.
Мартин за CRNOBELO.com споделува:
Кој е најчестиот изговор што го слушаш од Македонци за да не вежбаат?
Најчест изговор е дека не сакаат теретана, туку повеќе кардио на Водно, а никогаш не го виделе Крстот од блиску.

Дали има разлика меѓу „ќе почнам од понеделник“ и „ќе почнам од 1-ви“ – или е исто оправдание и нема да почнат?
Па, најчесто не почнуваат, или се почнува од денес или само се лажеме и себеси и другите.
Колку пати си слушнал „Јас јадам здраво“, а потоа се појавува бурек во приказната? Или бургер после диско?
Видете најчесто на муабет сите сме најдобри и секогаш пазиме, меѓутоа резултати нема.
А викенд и навечер само ние и фрижидерот знаеме што се случува.

Која е најчудната фитнес навика што си ја видел кај клиент?
Најчудна навика е кога ќе ми кажат дека направиле 4 серии по 10 повторувања, а всушност се 3 по 8… Не ме лажат мене туку самите себе.
Која е најепската ситуација во теретана што си ја видел?
Доаѓа клиент во теретана додека работев во Белград и го прашуваат на рецепција дали вежбал претходно или му треба тренер да му објасни. Клиентот вика дека знае сè и плаќа месечно членство.
Влегува да вежба и зема шипка 20 килограми и со целата нејзина должина се врти и за малку нè удри двајца, што вежбаа до него.
Менаџерот гледа внимателно. Ја поставува шипката на бенч клупа и става 40 килограми од едната страна.
Како ги става, така шипката се крева од другата страна и му паѓаат сите тегови за малку на неговите нозе. Менаџерот го повика му ги врати парите за членство и го испрати дома.

Дали имаш клиент што дошол за „летно тело“, а се откажал при првото мускулно воспаление?
Немам сè уште таков. Треба многу внимателно со почетници, посебно кои се во подем по летно тело.

Која е најчестата грешка кај почетници во Македонија – техника или трпение?
Двете, меѓутоа трпението е поизразено.
Сите сакаат резултати преку ноќ, а треба да се вежба и преку ден.

Дали луѓето повеќе се плашат од тежини или од кардио?
Се плашат од тежини! Се плашат да не станат Шварценегер… Јас на тоа им кажувам дека и да сакаат нема (ха-ха).
